ССМ: Уставниот суд да го поддржи договореното - недела да биде неработен ден
Сојузот на Синдикати на Македонија со свое обраќање до Уставниот суд во кое бараат да ги заштити правата на работниците на денешната седница и го одбие барањето за укинување на денот недела како неработен ден
- Во врска со денешната седница на Уставниот суд, Сојузот на синдикатите на Македонија апелира Уставниот суд да го поддржи договореното помеѓу социјалните партнери - недела да биде неработен ден за најголем број на работници освен за дејностите кои социјалните партнери ги определија како исклучоци поради неопходноста од континуирано одвивање на одредени производни процеси - пишува во објавата на ССМ.
Тие посочуваат дека Уставниот суд е должен да ја темели својата одлука на националните закони и меѓународните трудови стандарди кои се дел од националното законодавство, како и да води грижа за рамноправна положба на работниците и граѓаните во државата без дискриминација и со целоснопочитување на човековите права.
- Потсетуваме дека и рефератот на овој предмет беше да не се поведе постапка, што значи Законот за измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кој се уреди правото недела да биде неработен ден да остане во правниот поредок и недела да остане неработен ден, а очекуваме ваквиот реферат, овој пат да биде поддржан едногласно од сите уставни судии имајќи во предвид дека претходниот пат одлуката не беше донесена поради потребниот кворум, но 4 уставни судии го поддржаа рефератот - одаваат од ССМ.
Синдикалците велат дека положбата на работниците се уредува по пат на социјален дијалог на сите чинители во општеството, со закони и колективни договори кои имаат за целконтинуирано унапредување на работничките права.
- Во никој случај правата од работен однос во демократските држави не смее и не може да се креираат само врз основа на вољата и барањата на оние работодавачи кои семотивирани само од својата желба за поголем профит , без притоа да се води грижа за остварување на работничките и човековите права - потенцираат од ССМ.
