ССМ: Работниците надгласани за нивната минимална плата од претставници на Владата и работодавачите
Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека работниците се надгласани за нивната минимална плата од претставници на Владата и работодавачите.
Објаснуваат дека на денешната седница на Економско - социјалниот совет, за прв пат, за потребата од усогласување на минималната плата, членовите на Економско-социјалниот совет од работодавачите и Владата со 8 наспроти 4 гласа, ги надгласаа синдикатите односно работниците за висината на износот на усогласување на минималната плата во согласност со Законот која се усогласува врз основа на параметрите: една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Македонијa, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот, една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
„Претставниците на Владата и работодавачите сметаа дека реалниот пораст на бруто домашниот производ може да биде и во минус, односно, иако Законот за минимална плата укажува на користење на терминот пораст, за претставниците од МТСП, Министерството за економија, Министерство за финансии и работодавачите истиот како таков во минус мора да се земе во пресметката - иако тоа никаде не е напишано во Законот за минималната плата и со тоа на таков начин усогласнувањето на минималната плата по нивните пресметки ќе биде пониско за 211,00 денари и истата ќе изнесува околу15.190,00 денари. ССМ смета дека таквото усогласување на минималната плата на начин на кој и параметарот за реалниот пораст на БДП иако во законот не е предвидено се пресметува како минус и е спротивно на Закон и со тоа работниците ќе бидат оштетени за најмалку околу 2500,00 денари годишно. Исто така, не беше прифатено барањето на ССМ, минималната плата да се зголеми во висина од 60% од просечната плата и истата да не изнесува помалку од 16.976,00 денари особено ако знаеме дека само за лекување поради заболување или изолација од Ковид -19 имаше зголемен трошок за витамини и лекарства за најмалку 6.000 денари месечно, а тука се и зголемените цени на сите производи, знаејќи дека Синдикалната минимална кошничка која е неопходна за едно четири члено семејство изнесува 33.702,00 денари“, стои во соопштението од ССМ.
За ваквото надгласување на работниците за усогласувањето на нивната минимална плата, а со тоа и утврдување на понизок износ на висината на минималната плата, Сојузот на синдикатите на Македонија ќе поведе постапки пред надлежните институции и ќе ги преземе сите законски мерки и можности за да се исправи оваа неправда.
