ССМ ОСТРО ДО СИТЕ ПРАТЕНИЦИ: Доста се препукувате за небитни закони, изгласајте го законот за повисока минимална плата
Синдикатот им се обрати остро на народните избраници - наместо да се препукуваат за, како што велат, небитни закони, да го изгласаат законот според кој минималната плата би изнесувала најмалку 60 отсто од просечната плата во земјава, односно таа да се зголеми на 18.000 денари.
„Бараме политичките партии да не се препукуваат со поднесување на предлог закони кои не се од егзистенцијална важност за работниците во време на економска, енергетска и ковид криза, и наместо да го трошат времето и да одржуваат седници за лични нивни бенифити, да ја изгласаат иницијативата на ССМ за законското решение за пораст на минималната плата која бараме да биде 60 отсто од просечната плата или 18.000 денари, како и усогласување - зголемување на останатите плати согласно законот за минимална плата кој е поднесен до Собранието и поделен од страна на претседателот на Собранието г-дин Талат Џафери до сите пратеници.
Ги потсетуваме дека било кој пратеник или пратеничка група согласно Деловникот можат веднаш без одлагање да го поддржат и предложат предлогот на ССМ, поради тоа што сите се декларираат како политички партии дека се за работниците и се грижат за нив, па затоа ги повикуваме сите политички партии: СДСМ со коалицијата, ВМРО со коалицијата, ДУИ, АЛТЕРНАТИВА, АЛИЈАНСА, БЕСА, ЛЕВИЦА, ЛДП, ДОМ, ДЕМОРАТСКИ СОЈУЗ, веднаш да ги поднесат и изгласаат законските измени во Законот за минималната плата и со тоа да докажат дека навистина се грижат за работникот и неговата егзистенција во оваа ковид, економска и енергетска криза!“, децидни се од Сојузот на синдикатите на Македонија.
За работниците, додаваат натаму, е нејасно зошто пратениците кои земаат плата за четири до пет пати поголема од минималната плата, веднаш не седнат во пратеничките клупи и не го поддржат и предложат Законот и да ја зголемат минималната плата на 18.000 денари, кога, како што велат, и самите пратеници имаат нивни роднини и пријатели кои работат за минимална плата, па колку повеќе го одолговлекуваат донесувањето на Законот, ќе бидат приморани на ист начин да се однесуваат работниците спрема нив за време на избори и за исто толку да го одолговлекуваат гласањето на идните парламентарни избори.
