Економија, финансии, бизнис

Контакт

ССМ најави протест за 1 Мај: „За плата се бориме, не се молиме“

ССМ најави протест за 1 Мај: „За плата се бориме, не се молиме“

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека и годинава ќе организира работнички протест по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Протестот ќе се одржи на 1 мај со почеток во 11 часот, а ќе започне пред Работничкиот дом во Скопје.

Од ССМ потенцираат дека работничката борба не е еднократен настан, туку континуиран процес за заштита и унапредување на правата на работниците.

– „Работничката борба не е само еден протест, туку постојана борба за подобри услови и повисоки плати“ – се наведува во најавата.

Протестот ќе се одржи под мотото „За плата се бориме, не се молиме“, а од синдикатот потсетуваат дека годинава веќе биле организирани масовни протести на 28 јануари и 14 март, на кои илјадници работници бараа зголемување на минималната и на останатите плати.

ССМ најавува дека протестите ќе продолжат и по 1 Мај, нагласувајќи дека македонските работници и понатаму имаат најниски плати во регионот.

– „На 4 мај, првиот работен ден, минималната плата повторно ќе биде најниска во регионот“ – велат од ССМ.

Од синдикатот повикуваат на солидарност и масовно учество на протестот.

– „Излези на протест, застани рамо до рамо со своите колеги и покажи дека работничкиот глас не може да се игнорира“ – порачуваат од ССМ.


Слично

Поврзани вести