ССМ: Градоначалникот именува директори и согласно тоа сноси одговорност за нивните постапки
Од Сојузот на Синдикатите на Македонија испратија апел до градоначалничката на град Скопје да го промени директорот на „Водовод и канализација“ за што одржаа посебна прес конференција и испратиле писмо до градоначалничката.
- Синдикатот СУТКОЗ при ССМ како единствен репрезантивен синдикат за комунални дејности, неколку пати на писмено и преку медиумите предупредува за незаконските активности на новиот в.д. Директор на ЈП Водовод и канализација - Скопје, Марјанче Митовски кои веќе беа потврдени и со инспекциските надзори од Државниот инспекторат за труд од 06.10.2022 година и Државниот управен инспекторат како тоа дека истиот во никој случај не смее да раководи со јавно претпријатие. СУТКОЗ и ССМ заедно преупредуваа дека Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска треба да ги спречат сите незаконски активности на в.д. Директор Марјанче Митовски поради тоа што истите можат да значат покрај другото и значителна материјална и финансиска штета за јавното претпријатие ЈП Водовод и канализација - Скопје - кажа претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.
Во соопштението кое од ССМ го испратија до „Фактор“ истакнуваат дека „покрај тоа што вработените се плашат и се загрижени за својата безбедност и здравје поради информациите дека раководното лице на институцијата во која работат е осудувано лице за физички напад со нож за што има и правосилна пресуда и решение за упат на издржување на затвораска казна.
- За лицето Митовски има и Извештај од специјалист во кој е утрдено дека Марјанче Митовски има дијагноза - Мешано анксиозно и депресивно растројство, а дополнително е наведно дека лицето има конфликтна состојба на работа, напнат, вознемирен, со лоши мисли, нерасположен е... - наведуваат од ССМ.
Синдикатот СУТКОЗ при ССМ за да ги заштити работниците ја прашува градоначалничката кој ќе ја преземе одговорноста.
- Дали вие како Градоначалничка Арсовска ќе одговарате и ќе ја преземете обврската доколку му се случи нешто на некој работник, како и дали Вие ќе одговарате доколку се наруши процесот на функционирање на ЈП Водовод и канализација Скопје како претпријатие од витално значење, особено ако се има во предвид дека ова лице како в.д. Директор, има пристап до клучевите од изворот во Рашче од кој се снабдува со вода за пиење Градот Скопје - прашуваат од ССМ во својот допис.
Тие исто така укажуваат дека „градоначалникот именува директори на јавните претпријатија и градоначалникот разрешува директори на јавни претпријатија и согласно тоа ја сноси целокупната одговорност за нивните постапки и активности, како и ја сноси одговорноста за нивниот избор и назначување“.
- Доколку не одговорите на ова наше писмено барање за средба во кое ги наведуваме сите опасности кои може да ни се случат нас како вработени и граѓани, значи ја прифаќате одговорноста и Вие лично ќе одговарате за сите понатамошни случувања, а Синдикатот ќе го отпочне штрајкот согласно законските процедури и процедурите утврдени во колективните договори - потенцираат од Синдикатот.
Истото соопштение е објавено и на Фејсбук страната на Синдикатот.
