Економија, финансии, бизнис

Контакт

ССК ПРОСЛАВИ 18 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ БИЗНИС ПРОСТОР - зошто не дојде поранешната претседателка, а сега градоначалничка Данела Арсовска

ССК ПРОСЛАВИ 18 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ БИЗНИС ПРОСТОР - зошто не дојде поранешната претседателка, а сега градоначалничка Данела Арсовска

Сојузот на стопански комори на Македонија одбележа 18 години постоење и делување.

По тој повод синоќа беше организиран свечен настан кој се одржа во ресторан „Рагуза 360“ со присуство на  високи претставници на државниот врв, претседателот Стево Пендароски и премиерот Димитар Ковачевски, амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, бизнис елитата, новинари, синдикалци и други чинители активни во економското окружување.

Меѓу гостите бил и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Според сознанијата на Фактор, на прославата имало дури 700 гости кои дошле да го испочитуваат овој свечен ден на ССК.

Но, од сите гости кои можат да се забележат и на фотографиите од вчерашната прослава, може да се види дека не беше присутна поранешната прва дама на ССК, а сега градоначалничка на македонската метропола, градот Скопје, Данела Арсовска.

Нашите информации говорат дека Арсовска не добила покана да присуствува на овој настан, а според сознанијата, поканите биле лични и упатувани лично на добредојдените гости. 

Данела Арсовска беше повеќе од седум години претседателка на ССК, откако беше избрана на таа позиција во јуни 2014 година, а потоа, по локалните избори лани во ноември, замина на повисока функција, да биде прва дама на градот Скопје. 

Она што исто може да се забележи од фотографиите, е дека на настанот присуствуваше еден од претходните први луѓе на комората, односно поранешниот претседател на ССК, Златко Калеников, кој доби и плакета за личен придонес во развојот на ССК. 

Во своето обраќање пред присутните претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски истакна дека Сојузот е формиран во 2004 година како одраз на потребата која се појави за креирање на деловна мрежа што активно ќе работи на промоција и застапување на мали, средни и фамилијарни бизниси кои благодарение на добрите претприемачки карактеристики се поставија како носечки столб на македонската економија.

„Со постоењето на Сојузот се афирмираше развојот и важноста на овие претпријатија и на претприемништвото, а беше и истакната потребата од промени и реформи на економските политики за создавање подобро деловно окружување за раст и развој на бизнисите. За да ја подобриме деловната клима потребна е системска и конзистентна политика која нема да се менува при промена на владата или на премиерот. Бизнисот има потреба од политичка стабилност, правна сигурност, владеење на правото и правната држава, тоа е она на што треба да биде приоритет за креаторите на политиките, на деловниот свет на сите чинители во општеството доколку сакаме да постигнеме поширок општествен напредок, да ги задржиме младите дома и да изградиме подобро место за живот за сите. Како приоритети на кои заеднички треба да работиме ги издвојуваме справување со енергетската криза, обезбедување на ланци за снабдување со храна и унапредување на регионалната соработка. Мерки и политики за овие приоритети се потребни веднаш, бидејќи нема повеќе време за чекање“, истакна Ангелоски.

По повод одбележување на годишнината од основањето, Сојузот додели две Плакети за истакната соработка на Управата за јавни приходи и на Царинската управа, како и Плакета за личен придонес во развојот на Сојузот на поранешниот претседател Златко Калеников.

Во текот на своето постоење Сојузот се изгради во етаблирана самостојна, независна, неполитичка и непрофитна организација, која застапува околу 20.000 деловни субјекти. Компаниите делуваат здружени во девет стопански комори, организирани според дејноста, меѓу кои се Индустриската комора, Трговската комора, Услужната комора, Агро-бизнис комората, ИКТ комората, Туристичко-угостителската комора, Комора на приватно здравство и други. Сојузот преку активностите на меѓународен план своите членови ги поврзува и со преку 1.000 меѓународни мрежи и организации, меѓу кои Светската трговска комора, Интернационалната стопанска комора, стопански комори од регионот и Европа, Азија, Америка.

Слично

Поврзани вести