Економија, финансии, бизнис

Контакт

ССК: ИТНО ПОЕДНОСТАВУВАЊЕ НА БИРОКРАТСКИТЕ ПРОЦЕДУРИ - мора да се искористат обновливите извори на енергија

ССК: ИТНО ПОЕДНОСТАВУВАЊЕ НА БИРОКРАТСКИТЕ ПРОЦЕДУРИ - мора да се искористат обновливите извори на енергија

Поедноставување на сложените бирократски процедури за поставување капацитети за искористување на обновливите извори за производство на енергија бара Сојузот на стопански комори (ССК).

Според ССК, компаниите се подготвени да инвестираат во обновливи извори, но главна пречка им се сложените административни постапки. Иако некои веќе ја имаат обезбедено опремата и треба да ја монтираат, губат време за вадење дозволи и документи, „трчајќи“ во општините и низ институциите.

- Бараме решителна реакција, сега и веднаш. Има најави, но бараме дела. Ако сакаме да се заштитиме од ценовни шокови, треба да одиме во еден правец – домашно производство и на енергенти и на прехранбени производи. На тој начин шоковите би биле помали и ситуацијата би се држела некако под контрола. Производството може да се зголеми, можеби не драстично - рече претседателот на ССК Трајан Ангелоски.

Според него државата мора да реагира веднаш, посочува дека доцниме со инвестициите и дополни дека дури и сега, кога приватниот сектор презема иницијативи, тие се закочени, не можат да се реализираат.

- Од тука доаѓаат сите ценовни шокови и тука имаме апсолутно барање: реакција веднаш. Укинување на комплицираните процедури за добивање дозволи за инсталирање обновливи извори. Компаниите можат добар дел од енергетските потреби сами да ги задоволат, а неопходното ќе го купат. Нема потреба да имаме толку сложени процедури, да губиме време по општини за градежни дозволи или по институции за вадење документи. Чекаме по 60 или 90 дена. Според неофицијални информации, само во една од скопските општини има 30 до 40 предмети за обновливи извори. Денес не е проблем да се обезбеди опремата, но на обезбедена опрема и можност таа да се монтира, ние сме закочени во административните процедури - потенцира Ангелоски.

Тој укажа дека компаниите можат или да инвестират во ОИЕ или да плаќаат високи сметки и ништо да не добија.

- Мислам дека е најпаметно да се инвестира во обновливи извори, овој бран да се искористи во позитивен правец. Има многу површини на кои може да се инсталираат уредите, достапни се на пазарот, многу компании навлегоа во нивна монтажа и поставување, но бирократските процедури се навистина непотребни. Затоа бараме се што е бирократска процедура да се симплифицра и тоа веднаш да се стори. Во оваа криза така најадекватно сите што можат да инвестираат, да се заштитат од ценовните шокови - потенцира претседателот на ССК.

Слично

Поврзани вести