Економија, финансии, бизнис

Контакт

Српски аналитичари: Македонија нема да ја биде како држава

Српски аналитичари: Македонија нема да ја биде како држава

Македонија е под закана од понатамошна ескалација на конфликтот, дури и граѓанска војна, по која Македонија повеќе нема да постои како држава - тоа го предупредуваат српските аналитичари по вооружениот судир во Куманово, пишува на сајтот српскиот весник „Блиц“ во материјал под наслов „Голема Албанија тропа на вратата“.

Според аналитичарите конфликтот кој го затресе Куманово, е резултат на долгогодишните напори на косовските и македонските Албанци за обединување во една држава на териториите на Балканот, на кои живеат Албанци. По повеќе од 24 часа престрелката во Куманово заврши - загинаа осум полицајци повредени се над 37, убиени се 14 терористи.

Многумина аналитичари сметаат дека тоа не е крај. Поранешниот амбасадор на Србија во Париз, Душан Батакович предупредувал пред неколку години за опасноста од создавање на „Голема Албанија“. Овој проект според него се базира на идејата за проширување на сите балкански територии, во кои живеат Албанци.

„Сметам дека нашите медиуми и јавноста во целина треба со многу повеќе внимание и интерес да го следат овој процес, кој веќе е во напредна фаза и кој во суштина ги загрозува нашите витални национални интереси, ја нарушува регионалната стабилност и сериозно ја загрозува кревката стабилност на Балканот“, изјавил Батаковиќ .

„Сосема извесно е дека Косово и Албанија, кои се де факто во еден вид заедница, се обидуваат да се прошират врз териториите на соседните земји, на кои живеат Албанци“, додал Батаковиќ.

Судејќи според сè, овие проблеми дури сега почнуваат, пишува „Блиц“.

Според Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи освен вооружениот конфликт во Куманово, кој веќе заврши, во тек е конфликтот меѓу албанските партии во Македонија, кои се на власт и во опозиција. Според Јањиќ вооружените судири се „притисок од страна на вооружените групи врз лидерот на учесничка во управувањето во Македонија албанска партија - Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, да влезат во плановите за одвојување на дел од Македонија“.

Според Јањиќ конфликтот во Македонија нема да ескалира повеќе, бидејќи тој се уште е во полето на политичкото решение, освен ако такви групи повторно не ја нападнат полицијата или армијата.

Од друга страна, Чедомир Антиќ, историчар, е убеден дека конфликтот со сигурност ќе ескалира. Тој смета дека Македонија е на работ на граѓанска војна, по која таа тешко ќе може да опстане како држава.

„Процесот, кој сега ескалира, датира уште од пред две години и тој е резултат на односот на светските власти кон институциите на македонската држава, бидејќи мора да се напомене дека сè започна по барањето за изградба на „Турски поток“, изјавил Антиќ.

Поранешниот шеф на македонската служба за воено разузнавање и контраразузнавање професор Владимир Пивоваров смета дека проектот за „Голема Албанија“ се спроведува континуирано, а меѓународната заедница молчи.

„Во следните фази на овој проект ќе биде насочен кон Србија, Црна Гора и Грција, каде што сега се создаваат предуслови за нејзино спроведување. Последната изјава на албанскиот премиер Еди Рама покажува дека тој јавно се залага за обединување на Косово и со Албанија, а загрижувачки е дека немаше реакција на меѓународната заедница“, изјавил Пивоваров.

Слично

Поврзани вести