Средношколците велат нема компромис, МОН донесе конечен став
Како што веќе на сите ни е познато средношколците повеќе од 20-тина дена се надвор од училишните клупи и ја бојкотираат наставата.
Пред четири дена тие го радикализираа бојктот со поставување на камп шатори пред Министерството за образование.
До денес , нема постигнато никаков договор од двете засегнати страни и после четири одржани средби.
Од МОН денес го кажаа нивниот конечен став, средби повеќе нема и засега, поточно според нив за годинава останува стариот концепт на полагање државна матура.
„По разговорите со разни засегнати страни, со ученици, родители, наставници и експерти, одлучивме оваа година матурскиот испи да се полага согласно стариот концепт, односно математиката да не биде задолжителна и да не постои електронското тестирање. Екстерното оценување ќе продолжи согласно постоечкиот концепт, но ќе има унапредување во идните години. Ги повикуваме учениците од понеделник да се вратат на училиште, децидно пред медиумите изјави вицепремиерот Пешевски.
Од Средношколскиот пленум потенциираат дека компромис после денешната средба не е постигнат и не се исполнети нивните две барања.
Велат дека нивниот бојкот продолжува се додека не се исполнат и двете барања.
- Ние ги сакаме двете барања. Преку двете барања ние ќе стигнеме до поквалитетно образование. Преку компромис не се постигнува квалитетно средно образование - рече Александра Филипова од Средношколскиот пленум.
Гимназијалците велат дека кај надлежните нема волја за постигнување на договор, а во меѓувреме се поголема поддршка добиваат од граѓаните кои симболично со потписи ги поддржуваат во она што го прават.
Претставници на Наставнички пленум пак, денеска се сретнаа со евроамбасадорот Аиво Орав. Главни теми на средбата биле образовниот процес, притисоците од директорите и МОН врз наставниците, но и причините за формирање на пленумите. Од страна на Орав, им било посочено дека постојано се следи ситуацијата со средношколците, како и дека ќе го посети средношколскиот камп во следните денови.
