Економија, финансии, бизнис

Контакт

Средношколците со барања до МОН:  “НЕ” за задолжителна математика на матура и укинување на  екстерното!

Средношколците со барања до МОН:  “НЕ” за задолжителна математика на матура и укинување на  екстерното!
Се шири мрежата на средношколски интерни пленуми. Покрај во Скопје, Штип, Куманово и Битола и велешките средношколци  ги обединија своите заеднички ставови во средношколски пленум. Велат проблемите кои ги мачат учениците но и професорите од средните училишта се идентични. Бараат изземање на математиката како задолжителен предмет во државната матура и целосно укинување на  екстерното оценување. Нивните барања  секојдневно се собираат од пленумите од сите средни училишта, а деновиве   ќе ги достават и до Министерството за образование и наука. Од одговорите на надлежните ќе зависат понатамошните чекори на средношколците. Според нив, се поголемо незадоволство има и кај професорите кои ги подржуваат во идејата да се спротистават на лошите реформи во основното и средното образование. “Мрежата на интерни средношколски пленуми се шири со огромна брзина. Официјално од  минатата недела функционира и пленумот од Велес. Моментално се обидуваме да привлечеме што е можно повеќе средношколци и да ја рашириме идејата за постоење на едно вакво тело кое не само што ќе ги лоцира проблемите во образовниот систем туку и ќе изнајде решение за истите. Главно, го ставаме фокусот на најактуелните теми, екстерното тестирање и задолжителното полагање на математика на матура. Ние веќе ги оформивме нашите барања како интерен пленум преку кои јасно искажуваме дека не се согласуваме со ниедна од спроведените реформи”-вели средношколката од Велес, Кристина Пеева. Екстерното тестирање, според неа,  нема потρеба од никакви модификации во моделот и начинот на спроведување, туку е потребно негово   комплетно укинување.  Начинот  на кој се спроведува истото, вели,   го  потценува вложениот труд на ученикот во текот на целата година кој не може да се сведе на еден тест, затоа што освен знаењето се оценуваат и дополнителни активности кои ученикот ги приложува во текот на годината. Според  средношколците, има реална потреба од  нов начин за проверка на професорската работа, без учениците да бидат оние кои ќе ги трпат  на свој грб последиците од лошо спроведените реформи бидејќи екстерното проверување на знаењата на учениците со импликации врз успехот на учениците е  лошо осмислен начин кој не дава позитивни резултати. Дополнително, според учениците, непотребна реформа е и  државната матура. Со одлуката математиката да биде задолжителен предмет во матурата  се оштетуваат најголемиот број ученици, односно оние кои нема да го продолжат своето образование кон природно-математичките науки. “Ова е и главната причина зошто средношколците се одлучуваат за гимназиско образование, односно просторот за избор кој со оваа реформа ќе биде скратен. Секој ученик не може еднакво да ги совлада сите предмети. Постојат ученици кои повеќе им се посветуваат на јазиците или општествените науки и  планираат да се посветат повеќе во тој правец, па додадениот задолжителен предмет математика не само што им го отежнува периодот на матура и им создава страв и несигурност, претставува и закана за нивниот просек од кој зависи уписот на посакуваниот факултет. Затоа ја поддржуваме идејата да се врати стариот модел на полагање државна матура”-вели ученичката  Марија Трајковска , член на Средношколскиот пленум. И двете ученички од Велес додаваат дека имплементирањето на  туѓи искуства кои не се во согласност со нашите национални, традиционални и културни вредности не се единствените проблеми во образовниот систем, бидејќи постојат уште многу  други кои директно влијаат врз образованието, како несоодветните  услови во училиштата, застарените  учебници, неповолни техничко-материјални услови, обременети наставни програми. За нив дополнително ќе реагираат. Во меѓувреме, според учениците расте и подршката од професорите кои покрај за настава се грижат и за административните обврски кои се почесто ги оддалечуваат од нивната суштествена дејност-едукацијата и подучувањето. “Ние како пленум нема да ги изоставиме другите проблеми,  меѓутоа сметаме дека на нив треба да им се посвети повеќе внимание. Затоа ќе ги оставиме за во иднина, а сега ќе се посветиме на двете погоре наведени. Професорите исто така активно се занимаваат со проблемите и го делат истото мислење како нас. Ја поддржуваат нашата идеја и се исто спремни и решителни колку нас  и затоа  ова е вистинското време да направиме промена која ќе има долгоречен ефект и ќе биде за доброто на сите”- вели Марија Трајковска. Средношколците планират како пленум да  ја зајакнат својата  позиција како активни учесници во креирање на образовните политики во иднина. Потенцираат дека искуството од училишната пракса, проблемите со кои се соочуваат  секојдневно, но и последиците од „несреќните изуми“ кои ги чувствуваат заедно со наставниот кадар,  придонесува забрзано  да се обединат,  заедно да дејствуваат  и да се борат  со сите демократски средства за враќање на достоинството и знаењето  во образовниот систем. Досега покрај учениците и професорите, и родителите на матурантите изразија незадоволство од реформите во образованието. Тие преку отворено писмо до ресорниот министер побараа средба  за измените на концептот на државната матура со кои математика е трет задолжителен предмет. Револтот  според родителите секојдневно расте, особено кога се ближи крајот на учебната година за матурантите, а постојаните и  недоволно обмислени, непроверени на терен и набрзина воведени промени, велат може да има  негативен  ефект врз  оценувањето на учениците. Училиштата според нив,  не се подготвени ниту во техничка смисла со доволен број на кабинети со компјутери, за да можат сите ученици да полагаат во исто време, што може да ги  стави децата во нерамноправна положба, ако не можат сите да полагаат истовремено и на исти прашања по тежински новоа. Надлежните засега не излегоа со официјален став дали и како ќе делуваат на барањата на родителите,  учениците и професорите. Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми досега неколкупати потенцираше  дека третиот задолжителен предмет- математика, може да им биде во корист на матурантите кои ќе имаат поголема предност за упис на сите факултети, особено техничките кои последниве неколку години власта ги промовира како најатрактивни и најконкурентни на пазарот на труд.
Слично

Поврзани вести