СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СЕ НАЈЗАСЕГНАТИ: утре заедно на протести против екстерното!
Утрешниот втор протестен марш добива се поголема подршка и од средношколците. Дел од нив велат дека искрено ги подржуваат ставовите против идејата за воведување на државни испити на факултетите, кои според нив нема да донесат подобар квалитет, туку само оправдание дека надлежните прават нешто конкретно во високото образование.
Средношколците велат дека оваа битка која студентите овој пат ја водат во име на идните генерации, сериозно ги засега нив и треба и тие да бидат вклучени но и прашани за свое мислење. Проблемот е велат што подолго време средношколската младина не е обединета и организирана преку свои легитимни претставници, што им остава простор на надлежните лесно да манипулираат со одлуките и кроењето на нови законски решенија и образовни политики, без притоа да ги консултираат и прашаат најзасегнатите-учениците и студентите.
Новата реформа според дел од матурантите, најмногу треба да ги засегне токму нив. Тие се велат, најзагрижени бидејќи покрај екстерното оценување и државната матура пред завршување на средното образование , со продолжување на студиите на некоја од високообразованите институции ќе им се наметне и нова обврска. Според Александра Филипова, матурантка во скопската гимназија “Никола Карев”, не сите средношколци, особено матурантите, се запознаени со фактот дека оваа реформа наречена “државен испит” започнува токму од нив. Таа вели дека при воведување на ваква реформа во образовниот систем, потребно е да се вклучени сите засегнатите страни, а во овој случај најзасегнати се идните студенти. Тоа, додава, не се случи.
“Како матурант, можам да кажам дека претрпев многу работи, а некои допрва ќе ги поминувам. Тука спаѓа екстерното тестирање, математиката како задолжителен предмет за матура. И со право можам да кажам дека се чувствувам како експериментално глувче, а не како граѓанин на демократска држава. Покрај тоа што никој не не праша за мислење, уште ни се прикачуваат секакви етикети затоа што сакаме подобро образование. И тука сакам да запрат тие експерименти, затоа,велам “НЕ” за државниот испит. Се надевам дека во среда, ќе се обединиме сите заедно, и средношколците и студентите и јасно ќе го кажеме својот став, “НЕ”за државниот испит” -вели Александра Филипова, матурантка при СУГС „Никола Карев“.Верувам во нашата генерација Сличен став има и нејзината соученичка Софија Павловска, од истата гимназија, која смета дека секој ученик е запознаен со состојбите во образованието поради напливот на информации кои му се достапни и во училиште и преку медиумите. Според неа,како овогодишен матурант, многу средношколци се демотивирани поради сите изминати изгубени битки за промена, како што беше протестот за екстерното во основните и средните училишта. Но, таа потенцира дека на крајот од денот шансите да се смени нешто се поголеми кога офлајн се борат за одредена кауза, отколку кога конформистички седат на кафе со другарите по завршувањето на часовите.
“Сметам дека ние сме една генерација на експериментални глувци во образовниот систем. Стартуваа со екстерно тестирање за средношколците, кон кое мнозинството од нас реагиравме негативно, меѓутоа разговорите останаа меѓу училишните клупи и ниту еден поголем протест не се случи. Поучени од изминатите грешки секој од нас кој е запознаен, а воедно е против оваа нова реформа треба да излезе на протест. Да не останеме единствено фрустрирани, поради тоа што сме мотивирани, а воедно овој пат и имаме огромна поддршка. Јас верувам во нашата генерација и мислам дека сега е шансата да покажеме дека нема да продолжиме да бидеме само следбеници, бидејќи се работи за нашата иднина и борба за опстанок”-вели Софија Павловска.Според неа, има и такви на кои иднината им е во најмала рака сигурна и по завршувањето на државни или приватни студии ги чека канцелариско столче, но секако, потенцира, дека постојат и ученици кои по завршувањето на средно училиште среќата ќе си ја бараат во подобро место за живот и студирање од Македонија. Подршка на Студентскиот пленум кој остана најистраен во борбата против идејата за воведување на надворешно тестирање во форма на државни испити на факултетите упатуваат и дел од средношколците од скопската гимназија “Орце Николов”. Според нив, оваа тема веќе неколку дена е актуелна помеѓу учениците. Претседателите на одделенијата се собираат за да извлечат заеднички тези и заклучоци. Но, поради недоволна храброст и одлучност, одлуката да се излезе или не на протестниот марш ќе биде индивидуална.
“Дефинитивно голем број од средношколците ќе излезат на студентскиот протест бидејќи тоа нас не засега. За кратко време и ние ќе бидеме студенти и ќе се соочиме со последиците од оваа реформа. Реално сега студентите ја бијата нашата битка. Професорите во училиштата не сакаат да зборуваат многу за оваа тема да не се оценат како политички или партиски ставови. Ние не го гледаме овој проблем како партиски, го гледаме како проблем кој ќе не засегне нас за две три години, кој може да доведе да го изгубиме правото на студии, да се плаќа секој нов испит. Затоа добар дел од средношколците ќе излезат, мислам дека никој не е до толку апатичен по ова прашање, нема да има само студенти туку ќе има и добар дел средношколци.” -вели Тина Миновска, ученичка во гимназијата “Орце Николов”.Страв и притисоци меѓу средношколците! По објавувањето на предлогот за воведување на државен испит за студентите кој би требало да стапи на сила по две години, односно во 2017-та година и кој треба да важи за идните студенти кои ќе се запишат во следната академска година, се погласни стануваат матурантите кои се чувствуваат најзасегнати, бидејќи тие први би требало да го поминат државното тестирање. За дел од нив оваа идеја на надлежните беше еднострано предложена, допрва ќе се разгледува, но контурите на истата според средношколците сè уште не се јасно исцртани. Оттука, сеуште нема јасно дефиниран став за потребата од ваков механизам на проверка кој само става сенка на работата на универзитетските професори и е дополнителен рестриктивен модел за идните студенти. Неизвесно е велат дали стравот и притисоците ќе си го направат своето.
“Мислев дека оваа одлука и предлог решение најголем револт ќе створи токму кај нас средношколците кои најмногу не засега, но стравот и притисоците ги поколебаа учениците кои се двоумат дали ќе излезат на маршот. Мислам дека сепак нашата младина нема да потпадне под влијание на притисоци кои се актуелни уште пред почетокот на протестите. Многумина од моите соученици се согласуваат со ставот дека треба да си ги бараме нашите права и да го подржиме маршот. Јас лично неможам да гледам некој како ми го крои образованието, без да побара мое мислење и став за истото. Им порачувам на сите кои се двоумат и кои се плашат да дојдат, да се одважат и да го подржат маршот. Пред се, се работи за иднината и за нашето идно образование”-вели Михаил Новковски-средношколец.Според него, во недостаток на легитимно средношколско тело или организација која ќе ги застапува интересите и ставовите на средношколската младина, надлежните полесно можат да носат законски решенија и да кројат образовни решенија. Затоа, потенцира, нивните размислувања за прашања од кои директно ќе бидат засегнати остануваат во втор план. Но тоа,вели не смее да биде така.
“Право на секој средношколец е дали ќе го подржи или не протестот.Тоа е индивидуална одлука.Но, никој не смее да ги крои образовните политики без да побара наше мислење. Оваа состојба е ваква бидејќи немаме младинско организирање, нема Унија на средношколци за да преговараме со надлежните за вака сериозни проблеми. Бидејќи не сме организирани никој не не прашува за носење на реформи во образованието, а тие токму се однесуваат на нас. Треба да се организираме и да формираме Унија на средношколска младина која ќе биде легитимен претставник во преговорите со МОН околу реформите во образованието”-вели средношколецот Новковски.Иако според него притисоците се големи и на ден пред најавениот протест се интензивираат на ниво на училишта и раководства, сознанијата од училишната комуникација и онаа преку социјалните мрежи говори дека има сериозна бројка на средношколци кои без страв ќе излезат и ќе ја дадат својата подршка. Средношколците од Битола се поактивни во Пленумот! Сличен став имаат и нивните соученици од другите градови, но многумина иако ги подржуваат, не сакаат гласно и јавно да зборуваат за своите размислувања против идејата за воведување на државните испити. Најактивни деновиве покрај студентите беа и битолските средношколци. Во Битола се одржаа пет студентски пленуми од кои на последниот беше изгласано во исто време со студентскиот протестен марш, во среда да се одржи иста активност и во Битола. Меѓу нив доста се и средношколци.
“Се јавуваат повеќе проблеми од имплементирањето на идејата за екстерни тестирања во високото образование. Сметам дека ние не би имале нешто против метода која би го тестирала знаењето на студентот доколку таа биде квалитетно изработена, и не се противи со претходно кажаното. Колкава е стручноста на оние кои одлучуваат за резултатите? Вака не се вреднува објективно способноста и трудот на студентот. На ниту еден начин нема да се подобри состојбата во високото образование, напротив, ова само ја нарушува самостојноста на универзитетите и го нарушува правото на образование на секој човек. Оние кои треба да бидат прашани за овој закон - студентите па и учениците- не беа.Средношколците се скептични бидејќи со протестите против екстерните тестирања во средните училишта не постигнаа ништо, никој не ги ислуша. Се надеваме дека со овај марш ќе бидеме слушнати, како идни студенти не засега решавањето на оваа ситуација”-вели Леила.Ф, матурантка од СОЕУ “Јане Сандански” од Битола.Иако надлежните досега неколку пати потенцираа дека протестниот студентски марш има политичка позадина, од Студентскиот пленум исто толку пати го демантираа нивното обвинување. Тие уште еднаш порачаа политиката да се остави на политичарите и партиите, а образованието на научната фела и студентите, отфрлајќи секаква партиска поврзаност за собирање на политички поени. Од Пленумот неколкупати досега порачаа дека ова автентично студентско движење функционира по принцип на пленарно дискутирање за студентските проблеми, права и обрврски, здружено и транспарентно преиспитување на правилата и институционалните мерки што ги засегаат и солидарно спротивставување на политиките кои го загрозуваат нивниот општествен статус. С.Б.
Слично
