Средношколци, професори, родители: се шири фронтот на незадоволството против образовните реформи!
Расте загриженоста кај родителите на средношколците кои веќе петта недела ја бојкотираат наставата и втора недела се под шатори пред Министерството за образование и наука. Тие дополнително размислуваат и што ќе се случи со иднината на нивните деца откако надлежните пресекоа дека нема понатамошни преговори и отстапки во делот на државната матура и екстерното тестирање. Родителите деновиве секојдневно се организираат во групи за да им донесат храна на средношколците но и да дежураат во текот на ноќта како припомош на редарската група. Велат, неможат и несмеат да останат индиферентни на моменталната ситуација, особено во услови кога се работи за достоинството и иднината на нивните деца. Тие организирани како Родителски пленум денеска попладне на заеднички состанок пред гимназијата “Јосип Броз-Тито” ќе одлучат како да помогнат за да се изнајдат заеднички прифатливи решенија за проблемите.
“На состанокот нема конкретни точки, ќе зборуваме за бојкотот, за ставот на родителите кон него, за притисоците врз децата и врз родителите. Целта е, пред сѐ, да се разменат информации, па потоа врз основа на тие информации да видиме што понатаму. И досега родителите се организираа во помали групи што носеа храна на средношколците што кампуваат, организираа ноќни дежурства како дополнение на нивната редарска служба и даваа друга логистичка поддршка, како и морална поддршка без да се мешаме во одлуките. По најновите обиди за етикетирање на нашите деца, посакавме да се собереме и во поширок состав”-велат од Родителскиот пленум.
Тие ја подржуваат борбата на учениците, за кои како што велат, сакаат подобро и поквалитетно образование, но базирано на демократски принципи кои подразбираат меѓусебно почитување. Средношколците според нив, треба да бидат чуени и разбрани бидејќи излегоа со сериозни забелешки за образовните реформи и како никогаш досега подготвени да ги поправат истите.
“Моето дете е матурант во гимназијата “Орце Николов”. Има безрезервна подршка од нас како родители бидејќи јас разговарав со него и знам дека навистина сака да добие можност за поквалитетно образование, но не со ултиматумски правила. Треба сите, но навистина сите, да сватат дека ова не е терање инает, ниту пак правење добро за некого. На овој начин само ќе го разгневиме младиот порив и ќе го подгрееме незадоволството. Зошто да не се направат групи од сите засегнати страни кои експресно ќе ги детектираат проблемите и ќе најдат преодно решение. Свесни сме дека не чека матура од која зависи и уписот на факултет. Тоа не загрижува уште повеќе. Решение мора да постои, но прашање е дали ќе се најде вистинското?” -вели мајка на матурант од скопската гимназија “Орце николов”.
Средношколците остануваат децидни на ставот дека ќе продолжат со бојкотот на наставата, но се поинтензивно и во поголем број во кампот пред Министерството за образование и наука. Тие вчеравечер на Генерален пленум донеле одлука да нема отстапки од бојкотот на наставата и да не се потпишуваат пријавите за полагање на државна матура кои од денеска ќе им бидат доставени во училиштата. Досегашната борба е велат за сите генерации, а барањата се јасни.
“Бојкотот продолжува. Во подготовка е агендата за оваа недела. Не се откажуваме и покрај рокот од 25 дена. Нашите барања се јасни, нашиот став е јасен, нашата желба за поквалитетно средно образование е неизмерна. Она што беше изгласано на Генерален Пленум е дека бојкотот продолжува во Паркот на новинари за сите, односно се префрла од училиштата пред МОН. Ќе се врши и евиденција за отсуства. За денеска се планирани алтернативни предавања.Она што произлезе од Генералниот Пленум е дека стравот го нема, храброста и истрајноста се зголемуваа, а ние сме спремни да одиме до крај за да ни бидат исполнети барањата” -стои на страната на Средношколскиот пленум.
Учениците велат дека иако засега пет недели откако почна бојкотот на наставата и веќе втора недела откако ги подигнаа шаторите пред министерството се посилно се чувствуваат притисоците, тие нема да се откажат. Денеска ќе побараат нова средба со надлежните на која уште еднаш ќе потсетат на своите ставови. Средношколците деновиве добија подршка и од Наставничкиот пленум кои на крајот на минатата недела остварија средба и со евроамбасадорот Аиво Орав. Основната причина, според професорите поради која не успеаа да се доближат ставовите на учениците и надлежните лежи во суштината на поимот дијалог кој значи конструктивност, соработка, разменување на мислења, ставови, пораки, иницијативи.
“Учениците залудно се обидуваат да кажат дека со оценката од екстерен тест во свидетелство се оштетени и дека во ниту еден образовен систем не постои таков начин на вреднување на успехот на учениците. Залудни се нивните напори да објаснат на кој начин наставниот процес се сведува на учење за тест и на она што може да биде предмет на вреднување и дека начинот на стекнување на годишната оценка од наставниците е дијаметрално спротивен и различен од начинот на кој ги оценува државата преку тест од 30 прашања, изготвен на срамно и деградирачко ниво кое одговара на оценката Доволен (2) споредено со оценувањето на наставникот”-сметаат професорите од Наставничкиот пленум.
Според нив, учениците залудно се обидуваат да објаснат на надлежните дека со ваквиот начин на вреднување на нивната работа и нивните постигнувања го сведуваат целиот образовен систем на погрешни основи за вреднување и дека погрешното вреднување на ниво на поединец, ученик, наставник води кон погрешен начин на вреднување на работата и постигнувањата на училиштето, а тоа пак води кон искривување на општествените вредности. Затоа велат тие, полека но сигурно се претвораме во општество кое не знае да разликува добро од лошо, оти доброто станува лошо и обратно.
Преговорите кои цела недела се водеа зад затворени врати, за професорите од пленумот се нерамноправни бидејќи надлежните настапија со авторите базиран на функцијата и законите, а од друга страна се деца, идеалисти, чисти души и недоволно запознаени со вештите манипулации на возрасните. Ова според наставниците е нотирано и во реакциите на невладините организации кои одблиску ја следеа последната средба помеѓу претставниците на Средношколскиот пленум и Министерството за образование и наука.
Надлежните од друга страна уште еднаш потврдија дека ќе продолжи примената на досегашната концепција за државна матура и завршен испит, полагањето на тестовите ќе се врши единствено во писмена форма и предметот математика ќе биде алтернативен за сите ученици. Од денеска ќе започне и пријавувањето на матурантите за полагањето на државната матура по стариот модел, додека по однос на екстерното тестирање, согласно досегашната пракса, во следните денови ќе биде објавен и јавниот базен со прашања по сите предмети за оваа учебна година.
С.Б.
Слично
