Средношколски пленум: сеуште е рано за бојкот на наставата!
Иако деновиве ученици од неколку средни училишта во земјава ја бојкотираа наставата и бараат математиката да биде изземена од задолжителен предмет во државната матура, одлуката за бојкот не е донесена на ниво на средношколски пленум туку на самоиницијативно делување на дел од учениците. Од Средношколскиот пленум сметаат дека во моментов одлуката за бојкот на наставата во средните училишта е избрзана и нема да ги даде резултатите кои сите ги посакуваат средношколците - укинување на математиката како задолжителен предмет на матурата. Тие велат дека се свесни дека бојкотот нема да предизвика никаква реакција од страна на надлежните органи, па единствено што ќе добијат е насобран материјал кој ке биде тешко да се надокнади.
Исто така, потенцираат дека не треба да се занемари и фактот дека средното образование е задолжително, па отсутвото од настава е казниво со закон, поради што бараат учениците да се исклучително претпазливи. Членовите на пленумот потенцираат дека нивните ставови треба да се темелат на заеднички одлуки со кои ќе докажат дека се потребни сериозни реформи во образовниот систем.
Образованието има многу суштински проблеми
Деновиве велат интензивно се работи на создавање на основа отворено да се зборува за проблемите во средното образование, но преку соработка и одлуки на интерните пленуми во сите средни училишта, без избрзани чекори кои можат само да го одвлечат вниманието. Образованието како процес, според пленумците има многу суштествени проблеми за кои треба да настапат со артикулиран и анализиран став.
“Ние како средношколски пленум имаме за цел да ги штитиме интересите на сите средношколци и да излеземе во пресрет на нивните барања, па така во никој случај нема да се свртиме против нив. Меѓутоа реагиравме на ваквата одлука на делот од учениците затоа што сметаме дека во овој момент е избрзана и нема да ги даде резултатите кои сите ги посакуваме - укинувањето на математиката како задолжителен предмет на државната матура. Свесни сме дека бојкотот нема да предизвика никаква реакција од страна на надлежните органи, па единствено што ќе добиеме ние е насоберен материјал кој ке биде тешко да се надокнади. Исто така не треба да се занемари и фактот дека средното образование е задолжително, па отсутвото од настава е казниво со закон поради што треба да сме исклучително претпазливи. Моментално работиме на составување на нашите барања, образложени со издржани аргументи, кои ке ги доставиме до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, па подоцна по нивниот (не)одговор на генерален пленум ке ги дискутираме нашите следни чекори. Знаеме дека времето ни тече, но ги повикуваме сите средношколци на трпеливост затоа што само со добро испланирани чекори можеме да ги оствариме нашите цели” –вели Никола Тасевски-член на Средношколскиот пленум.
Главен проблем со кој се соочуваат средношколците, според него, е фактот што скоро сите реформи кои се спроведуваат во образованието во последните години се во насока на зголемување на тестирањата, со што само се зголемува притисокот врз учениците. Ниту една реформа, додава, не допира до самиот образовен процес туку се однесува само на неговите крајни резултати. Нашиот образовен систем, нагласува Тасевски, претставува “фабрика за цигли”- сите со иста големина и форма, а целта на средношколците е да го претвори во уметничка работилница полна со креативност и слободен дух.
“Дали еден ученик ке полага математика на матура, или ке се тестира некој предмет на екстерно, не менува колку тој научил во текот на учебната година. Доколку навистина сакаме да се зголеми квалитетот на образовниот процес како и квантитетот на стекнатите знаења тогаш треба повеќе внимание да се посвети на него и реформите да бидат насочени кон негово подобрување. Имено се соочуваме со неправилно распореден фонд на часови, отсутвото на практична настава главно поради немање услови која за некои предмети е од клучно значење, учиме од книги со застарени факти и информации во училишта со катастрофални и неприфатливи услови. Доколку се прашувам јас, сметам дека би било најдобро Бирото за развој на образование да формира комисија која детално ке ги испита недостатоците и во соработка со професорите и средношколците ке изнајде начини за нивно надминување. Образованието е систем кој има потреба од постојан прилив на финансиски средства и во никој случај истото не треба да се користи за спротивното – како извор на истите”-додава средношколецот Тасевски.
Ова потенцира тој, се клучните аргументи за кои со години се молчи, а бараат сериозна анализа и брзо делување. Дополнително што математиката не треба и не смее да биде еден од предметите кои може да бидат проблем или потенцијална кочница за оние ученици кои сакаат да го продолжат своето образование на други а не само на техничките факултети.
“Тежината на предметот нормално си го прави своето, меѓутоа тоа не е причината за нашата реакција. Наша цел е да се подобри образовниот процес, па така ние не бегаме од дополнително учење и обврски, но во случај тие да бидат во наша корист. Во овој случај со ваквата одлука на министерството директно се крши правото на избор. На ваков начин образованието се претвора во шаблон според кој сите ученици се ставаат во ист кош без разлика на тоа што сите имаат различни способности и афинитети. Најмногу се оштетени учениците кои се насочиле кон општествените науки или пак уметноста и истите мораат да полагаат математика иако таа не е дел од нивното понатамошно образование. Образовниот систем според мене треба да овозможи поголема слобода на учениците сами да се насочуваат и изградуваат и со тоа да се роди љубов кон професијата која ќе ја изберат”-смета Никола Тасевски.
Екстерното тестирање-тестира способност за меморирање!
Дополнително вели голем проблем е и екстерното тестирање кое според него можеби изгледа добро на хартија, меѓутоа во пракса е токму спротивното бидејќи дава нереални резултати особено кај предметите кои бараат и начин на изразување, дикција, активност во текот на годината, практична примена. Ова се додава средношколецот, дополнителни методи кои можат да ја облагородат наставната програма и да ја зацврстат високата одлична оценка, а преку екстерното тестирање се добива честопати нереална оценка со која на крајот може да бидат оштетени голем број ученици поради слабиот успех од оценките по екстерните предмети.
“Еве да започнеме од добиените оценки. Тие се резултат на одговорени триесет прашања на заокружување, кои како прво не го опфаќаат целокупниот материјал, а како второ ја тестираат само способноста за меморирање, што според критериумите за оценување носи единствено преодна оценка. Екстерното тестирање дава особено нереални резултати кај јазиците кај кои оценката најмногу се состои од способностза за изразување, творење, обработка на дела и слично, работи кои не се опфатени со истото. Слични проблеми се јавуваат и кај сите останати предмети кај кои оценката е резултат од активноста во текот на целата година, резултатите на повеќе тестирање, голем број на усни одговарање, па како е можно оценката од екстерното да биде пообјективна и поточна? Сите средношколци се сведоци дека при екстерното тестирање препишувањата се неминовни, но од друга страна постојат ученици кои поради трема, нервоза, немањето на концентрација и т.н. можат да постигнат послаби резултати кои реално не го претставуваат нивното знаење и со тоа директно да бидат оштетени”-нагласува средношколецот Никола Тасевски.
Интерни пленуми ќе ги носат заедничките одлуки на средношколците!
Средношколците деновиве на отворен состанок ја усвиле „структурата“ на пленумот. Велат, според договореното во тек е процесот на формирање на интерни пленуми во сите средни училишта ширум Македонија. Тие ке бидат составени од по неколку члена кои ке комуницираат со средношколците од нивните училишта, а потоа нивните ставови и барања ке ги презентираат на генералниот пленум. Пленумот како организација, објаснуваат, има единствена хоризонтална структура, без раководство и хиерархиска подреденост и на тој начин мислењето на секој негов член е подеднакво важно, а интерните пленуми се формираат со едниствена цел – да се овозможи подобра координација и комуникација. Затоа деновиве интензивно ќе работат на прибирање на искуствата и ставовите на своите соученици, ќе направат анализа и план како да настапат во иднина но преку истиот да бидат сериозно разбрани и сватени и од другата страна, поради фактот што проблемите се реални и мора да се работи на нивно решавање преку вклучување на најзасегнатите-учениците и професорите.
Според Тасевски, инвентивноста и остроумноста е на страна на учениците, а тоа вели ќе го покаже времето, завршувајќи со цитат од Џон Тејлор Гато: „Кога ке се одземе слободната волја од образованието тогаш тоа се претвора во школување“!
С.Б.
Слично
