Економија, финансии, бизнис

Контакт

Средношколски Пленум:  Реални оценки не се добиваат со притисоци и закани!

Средношколски Пленум:  Реални оценки не се добиваат со притисоци и закани!
Средношколците го кренаа гласот. Велат проблемите во образованието веќе ја прелеваат чашата, а тие неможат да бидат рамнодушни  на актуелните состојби и новите законски решенија,  од кои токму тие ќе бидат најзасегнати. Од Средношколскиот Пленум за Фактор велат дека идејата  за нивно  формирање  е постара, но актуелните настани само го забрзале нивниот план на делување. Во недостаток на средношколски унии како и  друг вид и модел на организирање, од Пленумот велат е логично и нужно да се направи ваков чекор, за кој дополнително биле мотивирани од Студентскиот и Професорскиот пленум кои  јавно застанаа против владините реформи скроени во пакет образовни закони. “Пленумот е најпрво, резултат на немањето на средношколски унии и организации кои на едно место ќе ги обединат средношколците во идејата за поквалитетно образование и подобри услови. Сметаме дека средношколците заедно, обединето, преку Пленумот, можат да учествуваат во креирањето на образовната „политика“. Работите треба да се погледнат и од нашиот агол, затоа што ние сме оние кои се најзасегнати од реформите во образованието, и од процесот воопшто. Пленумот ќе се посвети и околу полагањето на математиката за државната матура, кое претставува релативно ново во образовниот процес. Прашањата од поединци, надлежните можеби и ќе ги заобиколат, но кога едно тело ги претставува сите средношколци и ги претставува нивните ставови, надлежните не можат да го избегнат одговорот”-велат од Средношколскиот Пленум. Екстерното тестирање –бинго тестови на среќа! Екстерното тестирање во основните и средните училишта кое се спроведува веќе трета година, според Средношколскиот Пленум е негативно и непотребно. Преку него, велат средношколците,  исклучиво се врши притисок  врз учениците и врз наставниот кадар. “Пленумот застанува зад ставот дека екстерното тестирање на начинот на кој се реализира во Македонија е необјективно претставување на вистинското знаење на учениците. Реалното знаење не може да се искаже преку бинго тестови на среќа. Нашиот начин на екстерно тестирање е буквално копија од хрватскиот, но за разлика од кај нас, Хрватите го повлекоја уште при првиот обид. Начинот на екстерно оценување го има и во други држави, но не како алатка за вршење притисок врз учениците и професорите, туку со цел подобрување на квалитетот во образованието. Во странското искуство се разликуваме и по условите, доволно е да се погледнат нивните, за да се заклучи каде учиме ние. За разлика од кај нас, во европските образовни програми се става поголем акцент на односот професор - ученик. Едноставно, за европското образование потребни ни се најпрво услови за негово реализирање”-додаваат од Пленумот. Иако досега имаше обиди за средношколски протести против воведување на екстерно тестирање, поради страв и притисоци тие брзо беа замолчени и прекинати. Ова тесирање за учениците во средните училишта е проблем кој се провлекува неколку години и кој не носи ниту резултати ниту пак го подобрува квалитетот и нивното знаење. Многу ученици, според нив, директно биле оштетени од оценките од екстерното оценување, па многу ученици останале  без стипендии и со понизок успех кој им создал  нови проблеми при упис на факултет кај нас и во странство. Кај учениците, велат од Пленумот, сеуште постои страв отворено да се дискутира за реалните проблеми,  но сепак се охрабрени од своите претходни генерации кои почнаа институционална и вонинституционална борба за своите права. “Средношколските протести од пред неколку години беа масовни, но можеби и не доволно да ја исполнат зададената цел. Но секако, не смееме да го потцениме и нивниот труд, всушност, и во нив учествуваа и наши пленумци. Јасно е дека за решавање на одреден проблем потребно е сплотеност, разиденоста ни штети на сите. Страв постои, притисоци има, и тоа ни е јасно. Проблемот во делувањето на средношколците можеби би го лоцирале во самата неинформираност за правата кои ги имаат средношколците, а сепак не ги употребуваат. Дел од средношколците и не знаат за формирањето на средношколски тела, за младинското делување во училиштата, на локално па и на државно ниво. Тоа мора да се смени”-нагласуваат средношколците од Пленумот. Штрајк во средните училишта-незадоволство кај професорите и кај учениците! Оттаму велат дека деновиве во скоро сите училишта има штрајк, иако надлежните сакаат да го прикажат спротивното. Професорите и учениците, велат, се единствени во ставот дека лошите образовни политики последниве неколку години го симнаа прагот на достоинството и квалитетот во училиштата. Па така, сега сите се фокусирани околу оценките од екстерното и казните кои доаѓаат потоа, а се помалку на воспитната, едукативната дејност и знаењето. Состојбите во образованието, според учениците,  се во голема криза бидејќи на виделина се покажува незадоволството на наставниците, професорите, родителите, учениците како резултат на  бројните "реформски" решенија кои целосно ги понижија просветните работници. “Штрајкот кој се случува е реален и сериозен чекор на нашите професори кои за нас се вистински авторитети кои заслужуваат почит. Самото тоа можат да го потврдат и средношколците. Тој е некаде целосно, а некаде и делумно поддржан. Во некои училишта немаше ниту екстерно. Во неколку училишта професорите и средношколците се обединија против екстерното со што го бојкотираа екстерното тестирање. Во контекст на тоа, Пленумот застанува и зад ставот дека укинувањето на паричните казни води исклучиво кон намалување па дури и губење на притисок кон учениците и стравот меѓу нив. Казните врз наставниот кадар, иако се насочени кон професорите и наставниците, директно влијаат врз средношколецот како поединец. Притисокот врз професорите, се пренесува врз учениците. Реалните оценки не се добиваат под притисок и закани”-потенцираат од Пленумот. Екстерно тестирање, државна матура, уписи.... Деновиве треба да заврши екстерното тестирање за учениците од завршните трета и четврта година од средно образование, а веќе за неколку месеци матурантите ќе бидат ставени пред нов предизвик-државната матура. Ова според Пленумот на средношколци, е уште едно оптоварување за учениците, кое носи нови задачи, нови тестирања и проверки од чиј исход ќе зависи и нивното понатамошно школување. “Честото менување на програмите по кои се учи, доведува до сериозни проблеми во целото образование. Истиот проблем е и на екстерното оценување, едноставно нема корелација по она што се работи и она што се прашува, затоа што е очигледно дека оние кои ги подготвуваат прашата речиси и немаат допирна точка со образовниот процес”-додаваат средношколците. Законот за високо образование кој предвидува воведување на државен испит на факултетите со кој директно ќе бидат опфатени сегашните средношколци, а идни студенти, го предизвика гневот и кај средношколската младина. Дополнително, велат, новите законски решенија кои предвидуваат поригорозни услови за студирање и упис на некои од високо образовните институции, а не нудат никакво законско решение за подобрување на студентскиот живот и стандард, според средношколците е дополнителен мотив да се чуе нивниот глас и мислење. Добар дел од нив, велат ги подржале студентските протести и очекуваат заеднички настап во креирањето на идните чекори. “Релативно голем број од средношколците, како идни академски граѓани, но и како граѓани на РМ, учествуваа на протестите против државниот испит во високото образование. Државниот испит  е и всушност „екстерно“ на факултетите, како што најавија и од Владата, кој по реакциите беше преформулиран во „државен испит“. Оваа измена е всушност и спротивна на Уставот, во која се гарантира автономијата на универзитетите. Средношколскиот Пленум ги поддржува останатите два пленума во идејата против државниот испит, затоа што сметаме дека од друга страна отворањето на факултети во сите градови низ земјава и неадекватниот кадар кој раководи  со овој ресор доведува до рушење на целиот процес. Честите законски измени, а со тоа и програмските измени дополнително влијаат негативно врз високото образование”-сметаат средношколците. Засега, велат од Пленумот интензивно работат  на промоција на своите ставови и цели. Паралелно со тоа, остваруваат  и соработка на локално ниво со средношколците низ земјава. Во делувањето на Пленумот, потенцираат,  може да се вклучат сите средношколци, граѓани, студенти, професори бидејќи нивните активности се во насока на подобрување на образовниот квалитет и издигнување на средношколецот како дел од општеството. Деновиве велат ќе го официјализираат  нивното основање и нивните идни активности и планови со кои очекуваат да се  подобрат условите  на целиот образовен процес во средното образование. С.Б.
Слично

Поврзани вести