Средбата во Пржино заврши – договор нема
Средбата во Пржино помеѓу претставниците на четирите партии, потписнички на Пржинскиот договор денеска заврши без конкретен договор.
Лидерите и посредниците разговараа за реформи во медиумите и моделот на прочистување на избирачкиот список. Претставникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, рече дека ќе ги прифатат сите барања на СДСМ.
Рената Десковска од СДСМ, не даде изјава за медиумите. Од партијата бараат 400.000 спорни гласачи да се избришат, но со ова не се согласуваат албанските партии.
„Владејачката коалиција не дозволува прочистување на избирачкиот список и вистински реформи во медиумите. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во континуитет бегаат од фер и демократски избори“- се наведува во соопштението од СДСМ.
Артан Груби од ДУИ вели дека се направени позитивни чекори за решавање на кризата.
„Оптимист сум дека ставовите на партиите може да се доближат во наредните денови“ - изјави Груби.
На средбата присуствуваа и амбасадорот на САД, Џез Бејли и шефот на Делегацијата на Европската унија во Македонија, Аиво Орав. Засега нема најава за одржување лидерска средба.
Германскиот посредник, Јоханес Хајндл денеска изјави дека решение треба да се најде пред летните одмори.
Хајндл по четврти пат ја посети Македонија со цел да се најде решение за излез од кризата.
Во меѓувреме на државата Брисел и ги крати парите од ИПА фондовите, поради кризата која трае предолго.
