СРЕДБА ЗАЕВ-СЕЛМАНИ: Без слободни медиуми, нема услови за слободни избори
За реформите во медиумите и разговорите на политичките лидери за овие реформи, говореле лидерот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани.
Оваа средба е на иницијатива на ЗНМ, а на неа учествувале и советникот на Заев за комуникации и креирање политики, Роберт Поповски, и неколку членови на ЗНМ.
Заев го информирал Селмани, дека една од клучните темите за разговор, во рамки на политичкиот дијалог под покровителство на меѓународната заедница, се реформите во медиумите, коишто се услов за слободни, фер и регуларни избори.
„Од суштинско значење е да се овозможи АВМУ да ја извршува улогата на регулатор во медиумската сфера, а МРТВ да биде вистински јавен сервис во интерес на објективно, непристрасно и избалансирано информирање на граѓаните“- наведуваат од СДСМ.
Заев кажал дека во оваа фаза на разговори ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште се противи на можните решенија што значат овозможување на медиумите слободно да ја извршуваат својата вистинска улога.
Се говореше за јавниот сервис, за насилството врз новинарите и за тоа дека напаѓачите не се казнуваат. ЗНМ нема да прифати половични решенија.
Двајцата се согласиле дека без слободни медиуми, нема услови за слобони, фер, демократски и регуларни избори.
Досега и од надвор имаше многу критики и се бараше подобрување на состојбите во медиумите во Македонија.
