Средба Попоски-Лукшиќ: Македонија и Црна гора со заедничка амбасада во Париз
Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и евроинтеграции на Црна Гора Игор Лукшиќ денеска престојува во еднодневна официјална посета на Македонија.
Toj се сретна со министерот за надворешни работи Никола Попоски при што двајцата министри имале можност да разговараат за досегашната билатерална и регионална соработка на двете земји.
Имено на средбата министрите потпишаа протокол за колокација на дипломатско – конзуларните претставништва со кој Македонија и Црна Гора ќе имаат заедничко дипломатско претставништво во Париз.
– Правиме напори да имаме што повеќе вакви решенија кои се економски исплатливи и праќаат политички сигнал дека постои соработка каква што би се очекувала од земји со европска ориентација. Париз е првото и е веројатно пионерско решение за нашиот регион. Отворени сме за ваква соработка и во други региони и со други земји, изјави Попоски.
Тој нагласи дека Македонија и Црна Гора имаат одлични односи на политички план, но треба да се направи дополнителен поттик за интензивирање на економската соработка.
Разговарале и за патот на нашите две земји во евроатланските интеграции.
Неговиот црногорски колега Лукшиќ порача дека секоја средба, па и денешната се користи за да се договори натамошна соработка меѓу двете земји во многу области.
Лукшиќ смета дека е неопходно да се интензивираат напорите за подобрување на економската соработка меѓу двете земји, и можностите за соработка на заеднички регионални инфраструктурни проекти кои се предуслов за реализирање на севкупниот економски потенцијал на двете земји. Воедно нагласи дека ќе се работи и на укинувањето на разните бариери кои постојат во регионот.
