Средба Попоски – Чавушоглу: Потврдена добра соработка меѓу Турција и Македонија
На средбата во Анкара министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот турски колега и домаќин Мевлут Чавушоглу ја потврдиле добрата соработка меѓу Турција и Македонија преку чести средби на високо ниво, а економските релации бележат нагорен тренд и можности за натамошно унапредување.
Како што соопшти МНР, средбата била искористена и за размена на мислења од аспект на регионалната и меѓународната соработка. Потенцирајќи ја успешната соработка во рамките на регионалните иницијативи и на меѓународно ниво, министерот Попоски се заблагодари за постојаната и гласна поддршка на Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО.
- Министрите се осврнаа на заедничките приоритети на двете земји за членство во Европската унија, и во тој контекст министерот Попоски ја нагласи македонската определба за развивање добрососедски односи во согласност со европските и евроатлански вредности и стандарди, се вели во соопштението.
