Србите продаваат оклопни транспортери со демонстрација „во живо“
Пакистанската Влада сака да набави нови оклопни транспортери за војската, а на врвот на листата на посакувани се наоѓа и моделот „Лазар 2“, производство на „Југоимпорт“, Србија. Пакистанците би купиле најмалку 20 вакви возила, а пресудна за да се одлучат за оваа зделка била презентацијата.
Имено, српската компанија била единствената која на пакистанските муштерии им приредила „шоу со пукање“ и со демонстрација во живо ги покажала можностите на овој оклопен транспортер.
„Пукаа и фрлаа бомби, додека ние бевме внатре. Освен ова, ни понудија испорака во две фази“, вели Дост Али Балох, кој бил дел од пакистанскиот експертски тим кој престојувал во Србија.
Целата зделка треба да чини околу 7 милиони евра, но иако првичниот интерес бил пројавен уште пред две години, „Лазар“ до денес не е испорачан во Пакистан. Причина за ова, според пакистанските медиуми, е протестот на набавката на оклопните транспортери што го вложила невладината организација „Транспаренси интернешенал-Пакистан“.
Таа побарала од локалните власти да се испита дали со набавката на возилата е испочитувана процедурата. Во меѓувреме, пакистанската полиција има потреба од новите оклопни транспортери за справување со исламистичките бунтовници во земјата.
Слично
