Србите од Косово организирано заминуваат да гласаат во Србија
Косовските Срби организирано заминуваат да гласаат во Србија.
Косовските граѓани од српска националност се упатија утрово од северниот дел на Косовска Митровица за Рашка, каде што ќе гласаат за претседателските и парламенарните избори што се одржуваат во Србија, јави агенцијата КосоваПрес.
Многумина заминаа од автобуската станица во Косовска Митровица, но за да се избегнат гужвите организиран е превоз и од други локации, како што е општата болница во градот, комбинатот Трепча во Звечане и други.
Како што јави дописникот на МИА, во сите населени места со мнозинско српско население во Косово забележани се и граѓани кои одат да гласаат во Србија со сопствените автомобили.
Во Србија денеска се гласа за избор на претседател на државата и за пратеници во републичкото Собрание. Белград побара отворање на гласачки центри и во Косово, меѓутоа косовската влада не го дозволи тоа без да добие директно барање од српските централни институции.
Премиерот на Косово, Албин Курти не попушти ниту пред притисоците на Европска Унија и на САД за да овозможи организирано гласање на Србите во северно Косово, по што Белград одлучи за нив да отвори гласачки места во градовите Тутин, Рашка, Куршумлија и Врање.
