СРБИЈА ВЕЌЕ НЕ Е ВО ТОП 5: Се појави друга земја меѓу нашите најголеми трговски партнери
Во јануари 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Бугарија.
Ново е тоа што Кина влегува во топ 5 трговски партнери. Во првите пет сега ја нема Србија. Долго време таа беше во првите пет.
Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2019 година, чинел 25 534 424 илјади денари и има пад од 1.9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во јануари 2019 година, изнесува 35 037 733 илјади денари, што е за 1.4 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во јануари 2019 година, изнесува 9 503 308 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2019, е 72.9 %. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
