Србија уапси седум лица за масакрот во Сребреница
Српската полиција рано изутринава уапси седум лица осомничени за воени злосторства во масакрот на Сребреница во 1995 година, објавија светските медиуми.
Уапсените, кои биле приведени од неколку места во Србија, се осомничени за масакрот на преку 1.000 муслимани во Кравица, во предградието на Сребреница. Остатоците на жртвите закопани во неколку масовни гробници, се пронајдени и идентификувани.
Во јули 1995 година во босанскиот град Сребреница беа убиени над 8.000 босански муслимани - мажи и момчиња од страна на Ратко Младиќ и српските сили.
Обвинителството за воени злосторства во Србија и Министерството за внатрешни работи трагаат уште неколку луѓе, за кои се претпоставува дека се наоѓаат во соседните земји.
„БиБиСи“ потсетува дека во 2011 година беше уапсен Ратко Младиќ, против кого во моментов се води постапка во Меѓународниот трибунал во Хаг.
„Важно е да нагласиме дека ова е прв случај кога нашето обвинителство си има работа со масовното убиство на цивили и воени затвореници во Сребреница“, изјавил за „Асошиејтед прес“ обвинителот Бруно Векариќ.
