Србија се приближува кон ЕУ, на Црна Гора и е потребен политички дијалог
Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан оцени дека Србија минатата година вложила големи напори за приближување кон ЕУ, поради што е поблиску до отворање на првите поглавја.
„Верувам дека условите се исполнети и преговорите би можеле да започнат оваа година“, изјавил Хан, претставувајќи го извештајот за напредокот на Србија и другите кандидати-членки пред Советот за надворешни работи на ЕП.
Тој оценил дека има напредок во подобрувањето на односите помеѓу Белград и Приштина, а во регионалната соработка Србите се однесувале многу конструктивно.
Хан истакнал дека Србија во моментов спроведува амбициозни реформи и изразил надеж дека реформите во судството, борбата против организираниот криминал, како и економските мерки, ќе продолжат.
Во годишниот извештај за напредокот на Црна Гора се препорачува партиите да одржат конструктивен дијалог во парламентот, како и претстојните избори да се одржат според новото изборно законодавство.
ЕК забележува дека Црна Гора постигнала „добар напредок“ по шест глави, во 26 глави констатирал „одреден напредок“, а по една глава е оценета дека „нема напредок“. Од Комисијата ја истакнуваат улогата на Црна Гора во регионалната соработка, како и фактот дека земјата потпиша два билатерални договори за соработка со Босна и Херцеговина и Косово.
Во економските критериуми Црна Гора е „умерено подготвена“ за функционирањето на пазарната економија. Констатиран е раст на БДП, напредок во фискалната консолидација, но загрозена е фискална издржливост при изградбата на автопатиштата.
Како коментар за црногорските протести на опозицијата ЕК препорачува сите инциденти со насилство и прекумерна употреба на сила од страна на полицијата да бидат соодветно испитани.
