Србија не сака да избира меѓу ЕУ и Русија
Членството на Србија во Европската унија на ниту еден начин нема да ги ослабне или да ги прекине врските со Русија, увери српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ по средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Белград.
Дачиќ притоа запрашал „зошто Србија би морала да избира или-или“, истакнувајќи дека Србија не сака и никогаш нема да биде против Русија.
Сепак, тој нагласил дека неговата земја сака да биде членка на ЕУ, што е национален и државен интерес.
„Но, да ја нема поддршката на Русија и на некои други земји, а пред се на Русија и Кина, како постојани членки во Советот за безбедност на ОН, Србија денеска би била во загубена ситуација кога станува збор за Косово“, рече Дачиќ.
Според Лавров, Русија ги почитува преговорите за пристапување на Србија кон ЕУ, но за неа се неприфаливи линиите на поделби кои се создаваат во Европа. Шефот на руската дипломатија изјави дека изградбата на гасоводот Јужен тек ќе оди по планот и оти се надева дека прекинот е само привремен.
Лавров е во дводневна посета на Белград, во рамките на која ќе се сретне и со премиерот Александар Вучиќ и со претседателот Томислав Николиќ.
Слично
