Србија не може во ЕУ ако Косово не стане полноправна членка на ОН
Повикувајќи се на извори во Бундестагот, српските медиуми пишуваат дека Германија нема да го ратификува договорот за прием на Србија во Европската Унија сѐ додека Косово не стане полноправна членка на Обединетите нации.
Ставот на Германија ѝ бил соопштен на Србија кога се разговарало за Бриселскиот договор меѓу Србија и Косово.
„На српскиот државен врв уште пред две години му беше кажано дека членството на Косово во ОН ќе биде еден од условите Србија да биде примена во ЕУ“- кажа еден од пратениците на владејачката коалиција на Христијанско демократската унија и Христијанско социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ), кој инсистирал да остане анонимен.
Пратеникот на Будестагот додал дека тоа прашање е и понатаму отворено.
„Сепак, тоа е и понатаму отворено прашање во мојата партија, бидејќи има различни мислења околу него“- објаснил тој.
Тој смета дека е време да се почне процесот на признавање на членството на Косово во ОН, како и да се убедат луѓето во владејачката Српска напредна партија да се согласат на ова барање и за таа одлука да се подготви јавноста во Србија.
Во германскиот парламент преовладува ставот дека мора повеќе да направат за Косово.
