Србија не може да ја остави Република Српска без поддршка, вели Вучиќ
Србија не може да ја остави Република Српска без поддршка, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој изјави денеска дека не сака да влегува во мерки и контрамерки во БиХ по одлуката на високиот претставник Валентин Инцко затоа што се работи за друга земја. Вучиќ за одлуката за забрана за негирање на геноцидот во Сребреница, изјави дека „наметнувањето и октроирањето одлуки однадвор никогаш не може да донесе добри резултати”.
„Внимателно ги следиме настаните во Сараево и Бања Лука и се плашам дека атмосферата во БиХ е најжешка од крајот на војната и потпишувањето на Дејтонскиот договор“, изјави Вучиќ.
Вели дека е време Србите и Бошњаците да почнат да разговараат како да соработуваат, а не да дејствуваат едни против други.
Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, изјави денеска дека одлуката на високиот претставник во БиХ за забрана за негирање геноцид е „потег што иритира” и предизвикува поделби.
