Економија, финансии, бизнис

Контакт

Србија не ја зголеми минималната плата, но македонската и натаму остана најниска!

Србија не ја зголеми минималната плата, но македонската и натаму остана најниска!
Српската Влада денеска донесе одлука според која минималната заработувачка во земјата остана 115 динари на час, без даноци и придонеси. Тој износ ќе важи до декември годинава, кога ќе се прават нови пресметки. Износот на минималецот од 115 динари за работен час не е зголемен повеќе од две години, а со последното продолжување работниците во Србија речиси три години ќе имаат ист износ на минимална плата. Последното зголемување на „минималецот“ во Србија беше на 1 април 2012 година - од 102 на 115 динари. Утврдувањето на минималната плата во оваа земја е во надлежност на Социјално-економскиот совет, но заради блокираната работа на ова тело, во неколку наврати таа надлежност ја презеде српската Влада. За просечни 23 работни дена месечно, работник во Србија може да добие „минималец“ од 21.160 динари или околу 180 евра. Српските медиуми прават споредби според кои ваквата минимална плата е меѓу најниските во Европа. Така, во Хрватска минималната заработувачка месечно е утврдена на 374 евра, во Унгарија - 341 евро, во Грција - 684 евра, во Шпанија - 753, Словенија - 784, Франција - 1.439, а во Луксембург - дури 1.874 евра. „Сепак, за волја на вистината, во регионот има неколку земји во кои минималната заработувачка е дури и помала од српската. Така, во Босна и Херцеговина минималецот е 166 евра, во Албанија - 149, во Романија - 157, во Бугарија - 159“, пишува српски „Блиц“. Сепак, во текстот воопшто не се споменува Македонија, каде што минималната заработувачка е дури под овие износи и веројатно најниска со закон утврдена минимална плата во Европа. Со последното зголемување „минималецот“ во Македонија изнесува 8.800 денари или околу 143 евра.
Слично

Поврзани вести