Економија, финансии, бизнис

Контакт

Србија купи рекордни 4,3 тони злато од кинески „Зиџин“

Србија купи рекордни 4,3 тони злато од кинески „Зиџин“

Народната банка на Србија во 2025 година откупила рекордни 4,3 тони злато од компанијата „Србија Зиџин Копер“, која управува со рудниците во Бор и Мајданпек. Станува збор за 344 златни полуги, секоја тешка нешто повеќе од 12 килограми, објави „Форбс Србија“, повикувајќи се на податоци од српската централна банка.

Целата ланска количина злато што ја произвела компанијата завршила кај еден купувач, Народната банка на Србија. Според српските прописи, произведеното злато прво мора да ѝ биде понудено на централната банка, а таа досега ја откупувала целата понудена количина.

Само од продажбата на злато, „Србија Зиџин Копер“ во 2025 година остварила приход од околу 400 милиони евра, односно 48,4 милијарди српски динари. Вкупните приходи на компанијата од бакар, злато и сребро достигнале околу 227,6 милијарди динари, при што најголемиот дел доаѓа од продажба на бакар.

Кинескиот „Зиџин“ влезе во Бор на крајот од 2018 година, кога преку докапитализација го презеде мнозинскиот удел во поранешниот РТБ Бор. Од декември 2018 до март 2026 година, Народната банка на Србија од оваа компанија откупила вкупно 16,3 тони злато.

Златните резерви на Србија силно пораснале во изминатите години. На крајот на март годинава тие изнесувале 53,7 тони, повеќе од трипати над нивото од 2012 година. Народната банка најавува дека ќе продолжи со откуп на домашно произведено злато, со цел дополнително да ги зајакне девизните резерви.

Слично

Поврзани вести