Србија избегна „црвен картон“ од Русија, највени построги контроли на месото
Министерот за трговија, туризам и телекомуникација на Србија, Расим Љајиќ, денеска изјави дека во Москва успеал да договори со рускиот министер за земјоделство Николај Фјодоров, Србија да остане единствениот извозник на свинско месо во Русија, пишуваат српсските медиуми.
„Бевме чесни, брзи, со аргументи докажавме што се случи, без правење лажни слики и овој пат добивме жолт картон, се провлековме без црвен иако можеше тоа да се случи, рече Љајиќ.
Извозот на свинско месо во Русија беше доведено во прашање, откако Министерството за земјоделство најави дека таму пристигна месо од трети земји, Хрватска, Шпанија, Унгарија, со српски етикети. Љајиќ изјави дека истрагата е во тек, но засега еден инспектор кој го контролирал извозот е суспендиран, додека на еден производител на месо му е забранет извоз во Русија.
„Ние во Москва кажавме дека грешката била направена и според мое мислење, се работи за негрижа и глупост, не за намера да се измами некого, но истрагата ќе покаже. Без оглед на намерата, направена е голема штета“, рече српскиот министер, пишуваат српските медиуми.
Тој објасни дека Русија не тврдела дека од Србија пристигнува црвливо месо, како што е напишано од страна на некои медиуми.
„Не сме кажале ниту збор за тоа, еве јас ќе ви го прочитам она што се вели во извештајот (на руската) Федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна политика. Се наведува дека пропустот е направен во контејнери, односно садови што се користат за собирање на биолошки отпад добиен со колење на добиток“, изјави Лајиќ.
Тој истакна дека тоа била голема грешка и најави построги контроли на извозот, и дека извозниците ќе добијат детални упатства и декларации. Љајиќ рече дека ќе се воспостави електронска комуникација со Руската Управа за ветеринарство за да во иднина се спречат нови проблеми.
Србија е единствената европска земја која извезува месо во Русија.
