Србија има план „Б“ ако другите земји ги затворат границите за бегалците
Србија е целосно подготвена, ако дојде до затворање на државните граници во Австрија, Германија и Словенија за мигранти. Тоа, го изјавил српскиот министер за правда Никола Селаковиќ ноќеска по долгата седница на Бирото за координација на тајните служби.
„Државата многу добро знае што прави и што треба да биде направено. Во сите случаи ние нема да кренеме огради и да ставаме бодликава жица по нашите граници“, изјавил Никола Селаковиќ.
Учесниците се одлучиле тајни служби, а особено разузнавачките нагло да ги зголемат своите активности во тесна соработка со судските органи со цел целосна заштита на граѓаните и нивниот имот.
Никола Селаковиќ додал дека е донесена одлука за искоренување на секаков вид верски фанатизам во земјата, како и за зголемување на соработката со пријателските разузнавачки и контраразузнавачки служби.
Комесарот за прашањата на бегалците во ОН, Антонио Гутерес и српскиот премиер Александар Вучиќ го посетија вчера привремениот приемен центар за бегалци во Прешево. Тие беа категорични дека: „миграциското движење не го создадоа терористите. Тероризмот, заедно со тиранијата, заедно со војната го создадоа миграциското движење“.
Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама ја критикуваше хистеријата која владее во САД за безбедносен ризик, кој го претставуваат сириските бегалци.
Обама ја обвини американската опозиција дека се плаши од вдовици и сирачиња.
На маргините на самитот на 21-те земји членки на организацијата за Азиско-пацифичка економска соработка Обама упатил остри критики кон политичките противници во САД во момент во кој републиканците во американскиот Конгрес најавија дека ќе го прекинат привремено земањето на сириски бегалци во САД.
„Апелите да се третираат поинаку христијаните и другите луѓе се шокантни и се против американските вредности“, изјавил Обама.
Тој додаде дека оваа дебата, кој има предизборна цел, е профитабилна за групата „Исламска држава“.
„Не можам да замислам поголемо моќно средство за „ИД“ да бира нови членови од дел од реториката која се користи за време на оваа дебата“, изјавил Обама.
Обама потсети дека нема никаква смисла во одговор на еден терористички напад луѓето да се остават да бидат освоени од стравот и паниката.
Не донесуваме добри решенија, ако тие се базираат на хистеријата или на преувеличените ризици, додаде тој.
Очигледно тие се плашат од вдовици и сирачиња, кои доаѓаат во САД, истакнал Обама и додал дека ги повикал гувернерите на 34 американски држави да избегнуваат да се впуштат во какви и да се мерки кои ќе го блокираат превземањето на бегалци.
Овие луѓе се подложени на строг процес на проверка, додал Обама и истакнал дека бегалците ќе се прифатат во САД, кога разузнавачките служби ги одобрат целосно.
