СРБИЈА ИЛИ КОСОВО: Ова се земји каде заминуваат македонските рудари
Србија и Косово се двете земји од регионот каде заминуваат дел од македонските рудари.
Некои тоа го направиле затоа што немале избор, откако останале работа, а други затоа што барале подобри услови и плати од она што во земјава се нуди. Оваа појава трае со години. Пробиштипјани знаат дека голем дел нивни сограѓани заминале во соседството, таму се 15 дена, а по половина месец работа, им следуваат 15 дена одмор дома.
„Јас и сопругата останавме без работа, по што морав да се снаоѓам. Пет години работев во рудник во Србија, сега сум во Трепча во Косово. Задоволен сум, платите се добри, и ми одговараат условите затоа што по 15 дена работа, имам 15 дена одмор. Не сум само јас, овде има и други македонски рудари. Ги ценат добрите рудари зтаоа што им требаат“, вели Александар Т. повозрасен рудар од Пробиштип.
Од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство велат дека традиционално со години наназад искусните македонски рудари наоѓаат работа во рудникот во Горњи Милановац во Србија. Таму се нуделе поволни услови, и плати од најмалку 500 евра.
„Еден период одеа рударите во Косово, но сега таа појава стагнира, и се оди претежно во Србија. Одеа прво искусните рудари, секако првенство заминуваа поради повисоките плати, а откако во македонските рудници се појави криза, имаше одредена нестабилност, тогаш заминуваа и помлади рудари. Тие не остануваа таму да живеат, туку се враќаа назад. Во Србија претежно заминуваа рудари од Прибиштип и Кратово“, велат од СИЕР.
Рудраски инженер од Кратово вели дека пред десет години почнала оваа појава, и ден денес трае. Објаснува дека кратовските рудари заминувале на повеќе локации во Србија, во Горњи Милановац, Медвеѓе, во околината на Врање.
„Се случи тој период многу рудари да останат без работа и да заминат во Србија. Ги земаа затоа што се искусни и добри работници. Тоа не е едноставна работа, и мора луѓето да знаат да вршат експлоатација, да работат во јами. Не мора да поседува диплома, но знаење мора да има“, додава инженерот.
Граѓаните на Пробиштип велат дека во соседните земји работа пронашле рудари кои веќе се во години, и имаат искуство зад себе. Оние кои заминале како техничари потенцираат дека условите и безбедноста при работа се на прво место, и кога ги прифаќаат понудите за работа знаат на што се. Велат дека зависно од обемот на работа можат да заработат по 800 или 1.000 евра месечно.
Сања Атанасовска