Србија гласа, членови на СНС истепаа лидер на опозициска партија
Кај северниот сосед денеска се одржуваат избори, а порталот нова.рс објави видео на кое се гледа како неколку лица го напаѓаат Павле Грбовиќ од Движење на слободни граѓани и го удираат со тупаници и клоци.
Грбовиќ забележал дека членови на СНС користат паралелни избирачки списоци, по што им рекол дека тоа е противзаконски, а десетина од нив го нападнале.
Во меѓувреме, српските медиуми објавија информација за уште еден физички напад, овојпат врз Милош Вучковиќ, кандидат за советник на опозициската коалиција „Мораме“. И него го нападнале пред избирачкото место, кога исто така се обидел да спречи паралелни списоци од активисти на Српската напредна партија.
Изборите во Србија 2022 година се на три нивоа – претседателски, парламентарни, локални.
Гласачките места низ државата беа отворени во 7 часот, а граѓаните вечерва до 20 часот ќе можат да го остварат своето право на изборите во 2022 година. Се гласа на вкупно 8.255 избирачки места.
Републичката изборна комисија (РИК) утврди дека право на глас на претседателските и парламентарните избори имаат 6.501.689 граѓани на Србија. Освен во Белград, локални избори ќе се одржат на уште 13 места: во Бор, Аранѓеловац, Смедеревска Паланка, Лучани, Медвеѓа, Књажевац, Бајина Башта, Дољевац, Кула, Кладово, Мајданпек, Сечња и Севојно.
фото нова.рс