Србија: Гасот од денеска поскап за 3,6 одсто
Новата просечна цена на гасот ќе изнесува 45 динари а за сите домаќинства 49 динари по метар кубен (без ДДВ), соопшти денеска Агенцијата за енергетика на Србија.
Советот на Агенцијата за енергетика даде согласност на новите цени на природниот гас за јавно снабдување за 32 јавни снабдувачи, која ќе се применува најрано од 15 ноември за домаќинства а од 1 ноември за останатите купувачи.
До промена на гасот дошло поради растот на курсот на доларот со кој се плаќа увозниот гас, а кој за последните 15 дена од септември изнесува 92,4 динари. Тоа е за 4,3 одсто повеќе од курсот применет за сметка на сегашната цена на гасот. Врз основа на новиот курс е утврдена новата цена. Во позадината на овие промени е растот на курсот на доларот во одност на еврото се наведува во соопштението на Агенцијата за енергетика.
Во Србија 10 одсто од домаќинствата, односно 249.000 од нив имаат приклучок за гас.
Инаку, регулираната цена се менува кога дојде до промени на набавните цени и однос на увозниот и домашниот гас, а се усогласува и со промените на петнаесетдневниот просек на курсот на доларот.
Цената по која гасот се увезува од Русија, се менува квартално и се одредува за секој нареден квартал врз основа на просечните цени на три деривати на нафта на релевантната берза во изминатите три квартали.
