Србија бесна на Грција поради Косово
Србија побара објаснување од Грција за изјавата на министерот за надворешни работи, Никос Кодзилис во неговата посета на Приштина.
За време на вчерашната посета на Косово шефот на грчката дипломатија изјавил дека Атина ќе го поддржи членството на Косово во меѓународните организации, пренесе „Танјуг“.
„Упативме барање до грчкото Министерство за надворешни работи за разјаснување на позициите на нивниот министер. Очекуваме покрај големиот притисок на кој е изложена, Грција да не ја промени својата позиција за непризнавање на еднострано прогласената независност на Косово“, изјавил српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.
Тој истакнал дека промената на ставот на Атина во однос на Косово „не би била во согласност ниту со меѓународното право, ниту со пријателските односи“ меѓу Србија и Грција.
Во врска со барањето на Србија грчката амбасада во Белград објаснила дека „изјавите на министерот во Приштина се јасни“. „Грција не го признава едностраното прогласување на независност на Косово и грчката позиција по прашањето останува непроменета“, се наведува во соопштението на амбасадата.
Шефот на грчката дипломатија вчера избегнал да одговори директно на прашањето дали Грција ќе ја признае независноста на поранешната српска покраина, која прогласи независност во февруари 2008 година. Досега над 100 земји, вклучително и Македонија ја признаа независноста на Косово.
