Спремни сме за избори, ама не знаеме – само претседателски или и парламентарни?
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски точно напладне утре ќе ги распише претседателските избори и ќе објави на кој датум ќе се одржат. Изборите треба да се одржат во периодот од 12-ти март до 12-ти мај, а еден месец пред нивното одржување Парламентот нема да одржува седници, најави Вељаноски во интервју за МИА денеска.
Партиите во низок старт. Штом собранискиот спикер ќе го објави датумот, ќе треба во рок од 20 дена да понудат кандидат за претседател. Опозициската СДСМ овој рок ќе го испочитува.
„Социјалдемократскиот сојуз е подготвен за претседателски избори за коишто сметаме дека ќе бидат тест за политичката волја на ВМРО- ДПМНЕ да организира нормални и регуларни демократски избори“, вели портпаролот на партијата Петре Шилегов.
Владејачката ВМРО ДПМНЕ засега исто така не објавува со кој кандидат ќе излезе на избори и дали ќе го поддржи актуелниот претседател Ѓорге Иванов за втор мандат. Поддршка од оваа партија за својата кандидатура јавно побара професорот Јове Кекеновски, кој најави дека има намера да се кандидира на партиска конвенција.
Својата намера да се кандидираат веќе ја најавија и лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов и професорката Билјана Ванковска, која ќе собира 10.000 потписи за независна кандидатура.
Она што е до крај неизвесно е дали заедно со вториот круг од претседателските, ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Спикерот Вељаноски вели дека за такво сценарио најпрво треба да се самораспушти Собранието, а засега таков предлог не е доставен во законодавниот дом.
„Во овој момент можам да кажам дека утре ќе бидат распишани претседателските избори“, вели Вељаноски.
Меѓутоа, според првиот човек на ДИК Никола Рилкоски, се поизвесно е дека заедно со претседателските ќе има и вонредни избори. Државната изборна комисија е подготвена и за едните и за другите, вели Рилкоски во интервју за МИА.
„Доколку биде така, а според моите сознанија се поизвесно е дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори ние и за тој момент се подготвувавме. Ако предвремените парламентарни избори се одржат во вториот круг од претседателските ќе имаме едно мало пореметување во однос на роковите, меѓутоа и тој дел од работењето мислам дека веќе го имаме избалансирано и ќе бидеме подготвени да одговориме на сите наши обврски“, изјави Рилкоски.
Во таков случај еден од најголемите проблеми би било одржувањето на молкот.
„Постои таква можност, но мислам дека ќе го пребродиме и тој дел и ќе најдеме решение и за тоа. Тоа всушност е навистина најгорливото прашање - за едните завршува молкот, а за другите почнува кампањата“, рече Рилкоски.
Услов за кандидат за претседател исполнува секое лице кое до денот на изборите наполнило најмалку 40 години и истото живеело во Македонија десет во последниве 15 години.
Кандидатите за претседател за да го добијат мандатот треба да ја добијат довербата од мнозинството гласачи од вкупниот број избирачи, а во вториот круг потребна е минимална излезност на избирачите од 40 отсто. Само за претседателските избори Владата во Буџетот за годинава издвои речиси пет милиони евра.
Б.А.
Слично
