Економија, финансии, бизнис

Контакт

Спремајте се за поскапи горива! Што не направи Џо Бајден во Саудиска Арабија?

Спремајте се за поскапи горива! Што не направи Џо Бајден во Саудиска Арабија?

Фјучерските (договори за идна испорака) за набавка на сурова нафта на светските берзи нема да поевтинат затоа што најголемиот светски производител на сурова нафта – Саудиска Арабија не му кажа „ДА“ на Џо Бајден. Маркет – мејкерите на пазарите на сурова нафта, тие што тргуваат со фјучерси, но и тие што се обложуваат на идни цени на нафта не добија таков сигнал. Општа перцепција е дека Џо Бајден не успеа да го убеди саудискиот принц Бин Салман. Тоа значи дека  Салман нема да даде команда со која ќе се зголеми производството на сурова нафта во доволна мерка да ја спушти светската цена на црното злато, која урива рекордни, по воведувањето на санкции за купување руска сурова нафта!

Престолонаследник Мохамед Бин Салман одмолчи на барањето на Џо Бајден да го зголеми саудиското производство на сурова нафта во обем доволен за да ја урне цената на суровата нафта на светските берзи. Ова е факт што го пренесоа сите релевантни светски медиуми без оглед на нивната провиниенција.

Саудскиот принц Бин Салман го прими Џо Бајден, разговараа дури три часа и на крај по средбата излезе информација дека Саудиска Арабија можеби во август ќе го зголеми производството до 13 милиони барели сурова нафта дневно. Да стане јасно, еве го контекстот: тоа можно, а не сигурно зголемување би било само до 15% повеќе од сегашното производство. И може да се случи дури во август, а не сега веднаш.

Токму заради овој податок веќе речиси никој, што ги разбира светските прилики на берзите за сурова нафта, не верува дека цената на црното злато ќе се намали во догледен период. Напротив шпекулантите на берзите веќе се подготвуваат на „шортање“ со кои ќе антиципираат повисоки дневни цени на црното злато. Зошто? Затоа што сега е јасно дека Саудиска Арабија нема да му излезе во пресрет на барањето на САД и нема да го зголеми производството во таа мерка за да паднат цените на суровата нафта на светските пазари. Џо Бајден не успеа да го убеди саудискиот принц дека треба да се откаже од подобра заработка од цените на црното злато, во интерес на нивните билатерални односи.

Зошто Џо Бајден му дојде на нога на саудскиот принц?

Без дипломатски флоскули, затоа што ножот дојде до коска. Саудиска Арабија е најголема земја производител на сурова нафта на светото. Но оваа монархија има еден клучен адут што ја прави единствена. Нејзината нафтена индустрија е уникатна зашто има капацитет значајно да го зголеми своето производство на сурова нафта, во обем да ги засити светските берзи и да ја спушти берзанската цена. А целта на Бајден му беше токму таа: преку зголемена понуда на нафта на светските пазари да се намали нејзината пазарна цена. Нели, затоа и Саудиска Арабија го предводи ОПЕК најголемиот агрегатор на земји производители на сурова нафта.

Многумина добро упатени коментираат дека Запад постигна контра ефект со воведувањето на економски санкции на Русија. Затоа што нафтата поскапе на сите светски берзи. И граѓаните и економиите од западните земји се соочија со повисоки цени на нафта и со неизбежната зголемена инфлација. Русија продолжи да продава се поголеми количини на Кина и Индија, но и на посредници од Блискиот Исток кои ја препродаваат руската нафта на европски земји. Благодарение на санкциите на ЕУ, Канада и САД сега Русија од продажба на нафта заработува и повеќе од претходно.

Политичките сигнали од оваа важна средба ќе им ги оставиме на квалификуваните политички аналитичари и на експертите за меѓународни односи. Но ќе споделиме неколку важни детали кои многу зборуваат за односите меѓу Бајден и Бин Салман:

Пикантерии од протоколот со кој го пречекаа Бајден кои бодат очи

Џо Бајден и Мохамед Бин Салман не се ракуваа како што тоа го бара и предвидува класичниот протокол при средби на врвни политички претставници на две сојузнички држави. Тоа што можеше да се види беше допир на дланки односно она што западните медиуми го именуваат со first bump.

Џо Бајден на аеродромот не го пречека ниту саудскиот крал ниту принцот Мохамед Бин Салман кој воедно е престолонаследник, вицепремиер и министер за одбрана. Само за споредба саудскиот крал Салман лично го дочека Доналд Трамп, претходниот претседател на САД и во негова чест организираше шоу на кој особен впечаток остави танцот со сабји.

Како Саудиска Арабија помогна во растурањето на СССР ?

Низ историските анали: многу хроничари ја поддржуваат тезата со која економски катализатор за распадот на поранешен СССР била токму тогашната интервенција на Саудиска Арабија на светскиот нафтен пазар. Имено Саудијците во тој кризен период многу го зголемиле производството и ја зголемиле понудата на нафта на светскиот пазар до таа мерка да цените ги урнале на историски ниски нивоа и ги држеле тука одредено време. Од друга страна тоа било силен удар на производството и извозот на нафта на СССР, кој не можел да конкурира на арабиските цени. Тој кусок на девизен прилив од продажба на сурова нафта создал големи економски проблеми кои СССР не можел да ги реши што после било една од причините за уривање на најголемата држава на светот со планска економија и социјалистичко уредување.             Р.Ф.

Слично

Поврзани вести