Спречен шверц на цигари вреден 8 милиони денари на Дојран – уапсен српски државјанин
Царинските службеници на граничниот премин Дојран спречија обид за криумчарење на 5.050 штеки цигари и електронски цигари, чија вредност се проценува на околу осум милиони денари. Во акцијата е уапсен српски државјанин, возач на камионот, против кого е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија.
Како што соопшти Царинската управа, случајот бил откриен во неделата навечер, на излез од граничниот премин, кога царинските службеници, при контрола на камион пријавен како празен, примениле засилени мерки и аналитичка проценка на ризик. При деталниот преглед бил откриен специјално изработен бункер со преграда, во кој се пронајдени 101 пакет со цигари и електронски цигари.
Дополнително, со помош на полициски службеници било утврдено дека бројот на шасијата на полуприколката не се совпаѓа со бројот наведен во сообраќајната дозвола, документ кој осомничениот го користел како веродостоен. Поради тоа, покрај кривичното дело криумчарење, против него е поднесена пријава и за фалсификување исправа.
Од Царинската управа информираат дека ова е втор ваков случај за краток временски период, во кој се откриваат обиди за шверц на големи количини цигари сокриени во специјално конструирани бункери во камиони на граничните премини во надлежност на Царинарница Гевгелија.
