Според прелиминарните податоци партијата на Борисов е во сериозно водство
Според прелиминарните податоци на социолошката агенција „Алфа Рисрч“, во новиот бугарски парламент влегуваат седум партии, јави дописникот на МИА од Софија.
Според прогнозите, партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов ГЕРБ освоила 25,7 проценти од гласовите, опозицискиот БСП 17,6, а многу блиску до неа, според други социолошки агенции може и да ја помине, е формацијата на шоуменот и ТВ-водител Слави Трифонов „Има таков народ“ која освоиле 15,2 отсто.
Другите партии кои влегуваат во новиот бугарски парламент се Движењето за права и слободи со 11,0 проценти освоени гласови, Демократска Бугарија на поранешниот министер за правда Христо Иванов со 10,4 отсто, „Исправи се! Мутри надвор!“ на поранешната правобранителка на земјата Маја Манолова освои 4,2 проценти, а партијата на Красимир Каракачанов ВМРО според првичните резултати влегува во парламентот со 4,0 отсто од гласовите на избирачите.
Има многу сериозен одлив од владејачката партија во Бугарија ГЕРБ и од најголемата опозициска сила во земјата досега БСП, покажуваат социолошките анализи по завршувањето на парламентарните избори во Бугарија.
