Спојување на ВИП и ОНЕ, Т-мобиле Mакедонија и Македонски Телеком – прегрупирања во мобилната телефонија?
После две години постоење на пазарот вчера престана да постои четвртиот мобилен оператор во Македонија Албафон кој првенствено беше таргет за граѓаните албанци.
„Албанските корисници ќе ги третираме онака како што заслужуваат, рамноправно, со почит и на мајчиниот јазик“, изјави тогаш Ардиан Хоџа, извршниот директор на Албафоне.
Сепак овој оператор престанува да функционира. Со испраќање на смс пораки до корисниците да се префрлат на друга мрежа, одговорните ги информирале дека компанијата повеќе нема да постои.
Со оваа вест, македонскиот пазар продолжува да опстојува со три мобилни оператори, откако ќе се спојат ВИП и ОНЕ, кои чекаат зелено светло за присоединување ќе останат да функционираат два мобилни оператори.
Т-мобиле Mакедонија денеска и официјално ќе се присоедини кон Mакедонски телеком. Новата компанија ќе почне да функционира од 1 јули. Акционерите сметаат дека со ваквиот потег новата компанија ќе обезбеди подобра позиција на пазарот, подобри резултати од работењето, поефикасно ќе се справува со конкуренцијата и ќе има поголема можност за нови инвестиции, пишува МРТ. Дали ќе има поскапување на услугите на корисниците?Ова е прашање кое најмногу е дискутирано и ги интересира граѓаните, но првиот човек на АЕК смирува дека нема потреба од вознемирување и не треба да се плашиме од нови зголемени цени на услугите.
