Спикерот Вељаноски се сретна со директорот на Светска Банка
Спикерот на македонското Cобрание, Трајко Вељаноски, вчера се сретна со новиот извршен директор на холандски разгранок на Светска банка, Франк Химскерк, информираат од кабинетот на Вељаноски.
Претседателот на парламентот го запознал Химскерк со големата заинтересираност и со оправданоста за соработката со Светска банка, особено од аспект на тоа дека се работи за помош која Македонија ја добива под многу поволни услови. Вељаноски укажал и на фактот дека помошта од Светска банка, во екот на економската криза, овозможила таа да не земе поголем замав во Македонија.
Химскерк укажал дека Светска банка е банка на светот, која има за цел постојан ангажман кон намалување на сиромаштијата и осигурување на просперитетот и на стабилноста, економска, еколошка и социјална, за што дејствува насекаде, во Азија, Јужна Америка и на Балканот.
Тој ја потврди заложбата на Светска банка да ѝ помогне на Република Македонија во исполнување на неопходните мерки и чекори за да стане дел од Европската Унија.
