Специјалната обвинителка Јанева нема да образложува што сработила досега
Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска нема да присуствува на седницата на Советот на јавни обвинители на која е предвидено да биде разгледан извештајот за досегашното работење на СЈО.
Членовите на Советот сами ќе мора да го разгледуваат извештајот без присуство на првата специјална обвинителка која одбила присуство на седницата.
Причината како што се наведува од Специјалното обвинителство, за одбивањето присуство на седницата, е тоа што немаат законска обврска за такво нешто, ниту пак, било кој шеф на обвинителството на Репбулика Македонија досега бил повикуван да реферира при поднесување вакви извештаи.
Седницата на Советот на јавни обвинители беше најавена завчера и на неа ќе се разгледува и спорот меѓу Зврлевски и Јанева за неколку предмети кои Јавното обвинителство на РМ одбива да ги даде на Специјалното обвинителство.
