СПЕЦИЈАЛЕН ОБВИНИТЕЛ: Ќе бидат ли „специјалните“ недопирливи?
Договорот меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски, за назначувањето на специјален јавен обвинител, кој ќе ја води истрагата со прислушувањето, мора итно да се допрецизира, сметаат поранешните антикорупционери Слаѓана Тасева и Драган Малиновски. Посочуваат дека се неопходни измени на Законот за јавен обвинител, за да се утврдат неговата позиција, начин на финансирање како и администрацијата со која би функционирал новиот специјален јавен обвинител.
„Договорот што го потпишаа двете страни е политички договор, кој ќе треба да се операционализира особено делот за специјалниот јавен обвинител, бидејќи не е доволно да се каже дека ќе има специјален јавен обвинител кој ќе ги истражи прислушуваните материјали, туку треба да се види како ќе се операционализираат работите. Треба да се направат измени на Законот за јавен обвинител, да се види како ќе функционира овој специјален јавен обвинител бидејќи за тоа се потребни ресурси и човечки и финансиски, вели Слаѓана Тасева, од Транспаренси Интернешнл.
Според Тасева, ако се сака овој специјален јавен обвинител да има ефикасност, тогаш треба да биде издвоен од јавното обвинителство.
„Ако Зврлевски остане главен и ако специјалниот јавен обвинител е подреден на Зврлевски нема што многу да очекуваме“, вели Тасева и додава дека ако нема добар план за спроведување со буџет и тим кој специјалниот јавен обвинител сам ќе си го одбере, ништо нема да се добие.
Според Драган Малиновски, поранешен член на Комисијата за спречување на корупција, најразумна опција е смена на актуелниот државен јавен обвинител Марко Звревски.
„Тоа ќе беше најразумното решение, за навистина да се постигне ефект во аферата со прислушувањето, а не сега да правиме креатура, туку требаше Зврлевски да се смени, вели Малиновски. При тоа Малиновски додава дека иако се вели дека новиот специјален јавен обвинител ќе има автономија сепак, од особена важност е специјалниот јавен обвинител да има добра координација со останатите институции, а пред се со МВР.
Според договорот на лидерите Заев и Груевски, до 15 септември 2015 година треба да има нов специјален обвинител, којшто со целосна автономија ќе ја води истрагата околу прислушувањето на разговорите. Овој специјален обвинител се именува по договор од потписничките страни.
Што ќе се случува со случајот Пуч?
Со договорот за формирање на специјален јавен обвинител сега збунувачки останува што ќе се случува со случајот Пуч, кој е веќе во одделението за организиран криминал велат аналитичарите.
„Значи ли тоа дека, парцијално, за еден дел од прислушувањето ќе постапува јавното обвиителство, а со другиот дел ќе постапува специјалниот јавен обвинител. Сметам дека тие не треба да се разгледуваат одвоено, вели Малиновски.
Малиновски, додава дека кога се зборува за прислушувањето, може да се споменат три апсекти, односно прво кој прислушувал, потоа кој ги изнел прислушуваните материјали во јавност и третиот аскепт е содржината на изнесените материјали, што пак само по себе има кривична супстанца.
„Сите аспекти мора да бидат под еден обвинителен процес и не смеат да се раздвојат, и сметам дека во таа насока е изјава на Ричард Ховит, кој исто така кажа дека специјалниот јавен обвинител треба да се занимава со се што е поврзано со прислушувањето, вели Малиновски.
Ричар Ховит: Непристрасен специјален јавен обвинител со што ќе се стави со знаење на Европа и на меѓународната заедница дека мора да има правна одговорност за какво било кривично дело
Европратеникот Ричард Ховит кој беше вклучен во преговорите за надминување на политичката криза во Македонија во соопштение вели дека постигнатиот договор може да ја повлече земјата од работ, оти како што вели „ долгата криза има тешки последици за стабилноста на државата, нејзината меѓународна положба и нејзините изгледи за напредок кон членство во Европската унија. Ховит додава дека сега е важно тоа што новиот договор води кон постојан напредок кон демократски развој на земјата.
„Назначувањето на специјален Обвинител кој ќе работа со целосна автономија на наводите за криминал и корупција кои произлегуваат од прислушуваните разговори мора да се постигне потполно и непристрасно со што ќе се стави со знаење на Европа и на меѓународната заедница дека мора да има правна одговорност за какво било кривично дело“, вели Ховит.
С.Н.
Слично
