Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Специјалната воена операција“ на Доналд Трамп

„Специјалната воена операција“ на Доналд Трамп

Американскиот претседател, Доналд Трамп, во саботата ги смени насловите во медиумите. Исчезна аферата „Епштајн“, исчезна одлуката на Врховниот суд на САД за поништување  на царинските мерки на Трамп, исчезнаа Украина, Венецуела, Куба, Гренланд,  проширувањето на ЕУ...Автократите, обично, кога имаат проблеми дома, преземаат чекори на надворешен план и го оптоваруваат вниманието на јавноста со надворешни непријатели. Не, Трамп не е автократ, се’ уште.

Тоа утро, американските и израелските сили започнаа заеднички напад врз Иран. Тие нападнаа воени цели, резиденции и канцеларии на ирански лидери и локации поврзани со домашниот безбедносен апарат на Иран и неговата нуклеарна програма. Иран возврати со лансирање ракети и беспилотни летала кон Израел и кон американските воени бази низ регионот. Претседателот на САД, Доналд Трамп, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посочија дека крајната цел на нападот е соборување на режимот и ги повикаа Иранците конечно да излезат на улиците и да ја соборат својата влада.

Обраќајќи се до американската јавност Трамп ја спомна „големата воена операција“. За пример ги има Русите со нивната „специјална воена операција“. „Американските војници започнаа голема воена операција во Иран. Наша цел е да го заштитиме американскиот народ, отстранувајќи ги непосредните закани од страна на иранскиот режим“, изјави Трамп. А во текот на денот се спомнуваа три до четири, четири до пет денови на траење на операцијата, за по еден ден да се спомнат и неколку недели. Така беше и со Русите. А еве „специјалната воена операција“ трае четири години.  

Најсилната, најопремената и технолошки најнапредната армија во светот, американската, со помош од Израелците, удри врз Иран. Го убија ајатолахот Хамнеи и десетина воени команданти. Патем, убија и околу 170 ученици и наставници во основно училиште. Бројот на загинати ирански војници не се знае. Се известува дека за првите 24 часа биле погодени 1.000 ирански цели. 

Медиумите се фатија на воената тема на Трамп и почна известувањето. Еве некои од првите вести. „Ројтерс“, меѓу другото напиша: „Соединетите Американски Држави и Израел започнаа воени напади против Иран, таргетирајќи ги неговите врвни лидери и туркајќи го Блискиот Исток во конфликт за кој Трамп вели дека ќе ја прекине заканата за безбедноста на САД и ќе им даде шанса на Иранците да ги соборат своите владетели. <...> Духовните лидери на Иран се најдоа во тешка позиција по антивладините демонстрации во јануари, кои станаа најсериозните домашни немири од револуцијата во 1979 година. Демонстрантите повторно излегоа на улиците во последните денови.“

ВЕЧНИ ВОЈНИ

CNN напиша: „Најавата на Трамп за „масовна и континуирана“ американска воена кампања против Иран и неговиот недвосмислен повик до граѓаните на земјата да го отфрлат своето деспотско раководство го демонстрираа неговиот нов апетит за геополитички ризик и го втурнаа неговото претседателствување во уште подлабок период на неизвесност. Се чини дека Трамп се надева дека неговата воено воздухопловна кампања би можела да доведе до промена на режимот во Иран, и покрај неизвесноста околу тоа, кој би можел да го замени лидерот на земјата“. 20Minutes од Франција додаде: „Ако сегашната влада биде соборена со воена акција, без транзиција кон некоја друга стабилна политичка форма, Иран, во најлош случај, би можел да стане зона на хаос, растргнат од малцинства и засолниште за насилни групи.“

За „Гардијан“, пак, „Говорот на Трамп по паѓањето на првите бомби јасно стави до знаење дека ова нема да биде ограничен удар насочен кон притисок врз Техеран да направи отстапки на преговарачката маса. Тој предупреди дека ако Корпусот на иранската револуционерна гарда не се предаде, ќе биде убиен, а вооружените сили, ракетите и морнарицата на земјата ќе бидат уништени. Ова ќе го отвори патот за иранската опозиција и етничките малцинства во земјата да се побунат и да го соборат режимот. <...> Максималистичките цели на нападот фрлаат сомнеж врз тоа дали разговорите меѓу САД и Иран во претходните недели, во кои делегатите разговараа за можни ограничувања за збогатување на ураниум, имаат каква било перспектива за успех.“

„Блумберг“, пак, јавува: „Пред помалку од една година, Трамп одржа говор на Блискиот Исток во кој ги критикуваше своите претходници за нивната навика да започнуваат „вечни војни“ во регионот. Осврнувајќи се особено на американската инвазија на Ирак во 2003 година, тој ги обвини за „мешање во сложени општества што дури и не ги разбирале“, што резултирало со тоа што тие „уништуваат многу повеќе земји отколку што изградиле“. А сега Трамп се меша во сложено општество што не го разбира.

„Џерусалим пост“, јави:„Ова е Трамп во својата најискрена форма. Неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ е за Америка од пред една деценија. Враќањето на таа поранешна величина исто така значи исправување на грешките од минатото. Иран ја напаѓа Америка повеќе од 40 години. Уби безброј Американци. Сега Америка одговара.“ „Ал Џезира“, пак вели: „Нападите се случија само два дена откако преговорите меѓу САД и Иран за нуклеарната програма во Женева, посредувани од Оман, завршија без договор.“ Нападот од САД и Израел беше најсериозната ескалација од кратката, но интензивна војна во јуни 2025 година.“

ПРАВОТО НА ПОСИЛНИОТ

Ова беше преглед на само некои од првите реакции на нападот на САД и Израел врз Иран. Но реакции имаше и во САД. Поранешната поддржувачка на Трамп и поранешна конгресменка Марџори Тејлор Грин, која Доналд Трамп ја прогласи за предавник и срам за републиканците минатата година, остро го критикуваше американскиот претседател за нападот врз Иран. Тејлор Грин објави објава на платформата за социјални медиуми X. „Рековме: „Крај на странски војни, крај на промена на режими!“ Го повторувавме тоа на митинг по митинг, во секој говор. Трамп, Венс, во суштина целата администрација ја изградија својата кампања врз ова, ветувајќи дека ќе ја стават Америка на прво место и ќе ја направат Америка повторно голема“, се присети поранешната конгресменка. „Сè е лага, а Америка секогаш е последна. Но, овој пат, предавството се чувствува најлошо затоа што доаѓа од истата личност и администрација во која сите верувавме“, напиша Грин. „Наместо тоа, добиваме војна со Иран на страната на Израел. Уште една војна за странски народ за промена на странски режим“, додаде таа.

Одлуката на Соединетите Американски Држави и Израел да се вклучат во нова војна со Иран создава исклучително опасна ситуација со непредвидливи последици. САД и Израел по повеќемесечни подготовки избраа војна. Иако во меѓувреме Американците преговараа со Иран. Барем така се тврдеше. И како што беше во јуни лани, кога на сред преговори Иран беше бомбардиран од САД и Израел, и овој пат се повтори истото сценарио. Преговорите беа во тек. Но, се чини, Израел не можеше да чека, а ниту САД имале намера вистински да преговараат.  Иран страдаше од тешка економска криза, соочен со протести на населението, а воено беше ослабнат по јунската „мала војна“ во минатата година. Па САД и Израел го одбраа моментот за напад во саботата. За нив не важи меѓународното право. Па се повтори правото на посилниот. На Американците и Израел, кои тврдат дека имаат право на самоодбрана. Независно што Иран не им е до колена.

Војната е продолжение на политиката. Ако во политиката може да се направи  нешто со дипломатија, контролата на војната однејзиниот почеток е тешка. Русија и Украина беа на пат уште по два месеци да ја прекинат, но политиката рече војната ќе продолжи. Политиката во случајот е британскиот премиер Борис Џонсон. Тој немал јасна цел што сака. Па одбра војна, а Русија остана неуништена. Украина загуби еден милион војници, од кои околу 2000 илјади загинати. И Русија уште толку. Дали и тие загуби беа цел на Џонсон?

Кои се целите на Доналд Трамп? Ако се суди според неговото посредништво меѓу Русија и Украина, тие постојано се менуваат. Те Владимир Путин е во право, те Владимир Зеленски е во право.  Прво, сака да ја смени власта во Иран. Второ да ја уништи нуклеарната програма и трето, да спречи Иран да произведе балистички ракети со долг дострел. За балистичките ракети американски експерти тврдат дека на Иран му требаат најмалку 10 години да направи педесетина такви ракети. Нуклеарната програма, Трамп тврдеше дека ја уништил лани во јуни. Како сега одеднаш таа воскреснала, па мора да се нападне Иран? Ниту пак Иран има доволно збогатен ураниум. Иранскиот режим отсекогаш негираше дека бара нуклеарно оружје.

САД – ОДЛИЧЈЕ НА ЗЛОТО

Што се однесува до власта, пак, тоа ќе оди тешко. Прво, убиениот ајатолах ќе биде заменет за неколку години со друг духовен врховен водач. Второ Иранците ги мразат САД. За се’ што и направиле во минатото. За нив САД се одличје на злото. Па кој и да дојде на власт од оние малкумина што можат, а да не се дел од духовенството или од КСИР, дури и тој нема со многу наклоност да гледа кон Американците. Зашто тие практично ја донесоа сегашната власт во Иран. Со уништување, со заговори на ЦИА, на световните лидери на Иран во педесеттите и шеесеттите години. И носење на крал кој беше олицетворение на диктатор. Ајатоласите, кои дојдоа на неговото место, воведоа диктат по нивен терк. Трамп  сега вели имал дури тројца кандидати за лидер на Иран! Нив ги сакале луѓето, кои го славеле американско-израелски напад врз Иран и убиството на ајатолахот Хамнеи во Калифорнија, во Њујорк, во Иран...Рибата уште во вода, а Трамп ја става тавата на оган. Но од него се’ може да се очекува.

Дури и ако ова е прв пат кога само со авијација се урива режим, исламската држава нема да биде заменета со либерална демократија која ги промовира човековите права. Не постои веродостојна алтернативна влада во егзил која го чека својот час. Нема преседан режимот да се промени само со воздушни напади. Додека не стапне војничка чизма на теренот нема ништо од тоа. За СР Југославија на НАТО силите им беа потребни дури 70 денови бомбардирање. А режимот на Милошевиќ падна по влегувањето  на тие сили во Србија. Садам Хусеин беше соборен во Ирак во 2003 година од страна на речиси 700.000 припадници на агресорите  предводени од САД, додека Моамер Гадафи во Либија беше соборен од бунтовничките сили поддржани од воздушните сили на НАТО и некои арапски влади. Во двата последни случаи, ова доведе до колапс на државата, граѓанска војна и илјадници смртни случаи. Либија останува пропадна држава. Ирак сè уште се справува со последиците од инвазијата и крвопролевањето што следеше.

Ова значи дека Трамп ќе треба да се помачи за ставање негов човек на чело на Иран. А, ако надежта за „мала, победничка војна со малку крвопролевање“ не се оствари, Трамп би можел да изгуби практично сè - влоговите за него се исклучително високи. Дотолку повеќе што веќе се зборува за загинати американски војници. А Трамп наесен го чекаат избори за Сенатот и Претставничкиот дом. За него ќе биде катастрофа ако го изгуби мнозинството и во двата дома. А работите одат во таа насока. Најновите анкети покажуваат дека  мнозинството граѓани на САД се против нанесените удари од нивната земја врз Иран. Reuters и Ipsos Group во своето истражување тврдат дека 43 проценти од испитаниците не ги одобруваат тие дејства, додека 27 проценти поддржуваат примена на воена сила против Иран. Останатите 29 проценти не одговориле. Според овие податоци нападите врз Иран ги одобрува секој четврти Американец. Иако Трамп е на функција малку подолго од една година, за некои набљудувачи нападот врз Иран означува почеток на крајот на Трамп.

А што може да се случи после израелско-американската интервенција? Регионална војна, на пример. Иран веќе ги бомбардира американските база во земјите од Заливот. Тие се лутат, но се подготвени и за возвраќање на ударите. Можеби тоа е и целта на агресорите. Раздели, па владеј. Па да дојде до сунитско-шиитски конфликт. Првите знаци за такви поделби веќе се јавуваат. Иран е предупреден од сунитските монархии да поведе сметка за однесувањето и да не ја ескалира ситуацијата. И покрај тоа што цел на неговите ракети и беспилотни летала се американските бази, домаќините реагираат. А Европа по првиот молк се јави со осуда на Иран. Со исклучок на Шпанија. Долга е раката на Доналд Трамп. Па после му се лутат дека игра дрн-дупка со нив.

Но многу поопасно е ако дојде до немири внатре во Иран. Тоа може да доведе до граѓанска војна. Има многу племиња и етнички групи во таа држава. Но и противници и поддржувачи на сегашниот режим. Сето ова може да доведе до создавање на втор Ирак или втора Либија. А можеби и тоа е цел на агресорите. Особено на Израел. Другите негови соседи се влезени во американски калап. Останува уште Иран. А распаднат на неколку држави или автономии ќе може најлесно да се управува од надвор, бидејќи ќе биде лесно ранлив. И со вечни проблеми меѓу новите државни творби, ако дојде до нив. А тоа значи, повторно, дека Израел, во прв ред, си ја завршил својата работа на долг рок. 

За крај, ставот на еден експерт за Иран. „Сепак, може да се надеваме дека Иран ќе го исполни својот огромен потенцијал како нација. Тоа е земја која има човечки капитал, природни ресурси и богата историја за да биде земја од Г-20. Сега е далеку под својата моќ. По овој напад, ако Иранците можат да соработуваат и да се здружат, Иран би можел да има транзиција кон, во најдобар случај, репрезентативна толерантна демократија или, барем, земја која е стабилна и ги става своите економски и национални интереси пред идеологијата и им овозможува на луѓето да живеат нормален живот - како што многу Иранци го искусиле од прва рака на места како што се Турција и Обединетите Арапски Емирати“.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести