Спасовски вети реформи во полицијата, за ВМРО тоа е лицемерие
Генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска од Штип најави дека планираат да спроведат темелни реформи во полицијата.
Наведе дека и во самото Министерството за внатрешни работи се откриени случаи каде што началници имаат фалсификувани дипломи.
„ Програмата на СДСМ има сет на мерки за департизација и професионализација на полицијата во интерес на граѓананите. Пред се, можам да им гарантирам на дипломираните криминолози и оние коишто завршиле факултет во областа на безбедноста дека ќе бидат приоритет“ - изјави Спасовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на изјавата на Спасовски. Велат дека крајно лицемерно и потценувачки за граѓаните е СДСМ да говори за безбедност на граѓаните, за борба со криминалот и достоинство на полицијата.
„Оливер Спасовски на 5 јуни ќе може добро да се увери што мисли народот за оваа негова хипокризија и безобразие. А потоа, јасно ќе види што значи достоинство, професионалност и функционални институции за борба против организираниот криминал“-се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека тој ги измислил наводните афери со лични карти и возачки дозволи, кои потоа биле демантирани на штета на угледот на МВР и на државата.
