Економија, финансии, бизнис

Контакт

Спасовски ги слушна барањата на кандидатите за полицајци

Спасовски ги слушна барањата на кандидатите за полицајци

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со претставници на кандидатите за полицајци коишто го завршија курсот а кои денеска излегоа на протест пред МВР.

Кандидатите за полицајци кои што го завршија курсот на протестот бараа од министерот да им одговори кога ќе го потпишат договорот за вработување.

Спасовски реши да ги прими самоиницијативнода разговара со нив и да слушне кои се нивните барања.

Тој на средбата посочи дека нема да дозволи некој да ги манипулира и да ги вовлекува во политики коишто не треба да ги вовлекува.

Потенцираше дека договорите за нивно вработување се изготвени, но поради моменталната политичка состојба во која се наоѓа земјава и во време на распишани избори никој од министрите не смее да вработува.

Меѓутоа, Спасовски укажа дека доколку сепак изборите се одложат, тогаш ќе нема  правна пречка или злоупотреба со новите вработувања па кандидатите ќе се повикаат и  ќе започнат приправнички стаж во Министерството за внатрешни работи, а по завршувањето на тој стаж, искажа надевање дека ќе завршат и ќе го положат и тој испит успешно и ќе станат полицајци, бидејќи како што додаде на Македонија и требаат полицајци коишто ќе и служат на државата и коишто ќе работат во интерес на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ тврди оти Оливер Спасовски и СДСМ ги третираат кандидатите за полицајци како граѓани од втор ред

Oд владеачката партија го обвинија министерот Спасовски дека кон  кандидатите за полицајци се однесува  како граѓани од втор ред и дека ги злоупотребува за поткусурување и за остварување на неговите политички намери.

Од партијата на Никола Груевски велат дека 6 месеци СДСМ го разградува безбедносниот систем и на дело ја покажуваат нивната деструктивна политика кога тие се власт во некоја институција.

МВР ги отфрли обвинувањата

Министерството за внатрешни работи ги отфрла недоличните инсинуации изнесени од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

„Неуспешниот обид за манипулација на кандидатите за полицајци во МВР уште еднаш покажа дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати фактот дека МВР веќе не е МВРО. Министерот Спасовски во врска со кандидатите кои ја поминаа обуката за полицајци  во претходниот период  покажа дека  нема намера да ги манипулира и злоупотребува како што тоа се правело во минатото и искрено и енергично се бореше да бидат примени сите 434 кандидати кои ја поминаа обуката, а исто така им излезе во пресрет на нивните молби да бидат распоредени во полициските станици најблиску до нивното место на живеење.

И покрај тоа што беше повеќе од  јасно дека младите кандидати за полицајци некој се обидел да ги изманипулира, дезинформира и искористи како марионети во своите  валкани политички игри, истите беа  денеска, во неработен ден, примени од министерот Спасовски и им беа изнесени причините за застојот во потпишувањето на нивните договори, кои во оваа држава им се познати на сите освен на оние кои се причинители за таквите состојби. Кандидатите за полицајци ги прифатија фактите кои им ги предочи министерот Спасовски и заедно се согласија дека овој проблем ќе биде решен во најскоро време, односно веднаш штом за тоа ќе се создадат законски услови.

Министерот Спасовски ги охрабрува кандидатите за полицајци да останат надвор од сите манипулации за нивна злоупотреба и да покажат дека навистина засалужуваат да застанат на браникот на државата.“, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Слично

Поврзани вести