Спасов и Караџоски реферираа за вработувањето на 300 лица со инвалидност
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски пред националните инвалидски организации го презентираа рангирањето на апликациите од процесот на вработување на 300 лица со инвалидност на неопределено време за 2014 година.
Спасов истакна дека концептот на огласот темелно се засновал на вработување на долгорочно невработени лица со ниски примања, лица кои се во тешка материјална и финансиска состојба, самохрани родители или пак семејства во кои има повеќе членови со инвалидност. Со овој проект, посочи тој, преку јавниот оглас ќе се вработат вкупно 300 лица со инвалидност: од кои (160) работници со ниско образование, односно ниска квалификација, (100) лица со средно и вишо образование, (40) лица со високо образование.
На огласот конкурирале 1.826 лица, од кои 1.069 невработени лица со инвалидност кои ги исполнувале критериумите и условите од конкурсот. Станува збор за лица со оштетен вид, слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, со телесна инвалидност (тешка и потешка телесна инвалидност), со пречки во интелектуалниот развој (лесни и умерени пречки), со комбинирани пречки и инвалиди на трудот кои немаат засновано работен однос и кои поради степенот на инвалидност имаат специфични потреби во работењето и се работоспособни, врз основа на наод и мислење од надлежен стручен орган или Комисија за оценка на работната способност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
Министерот Спасов рече дека најпрво сите апликации на потенцијалните кандидати биле три пати проверени од страна на различни меѓуресорски стручни комисии и биле внесени во посебен електронски систем кој специјално бил изработен за овој проект, за потоа да биде формирана лекарска комисија со стручни доктори кои имале задача да ги проверат наодите и мислењата за инвалидност на сите апликанти и да утврдат кои се во ред и уредни, а кои се неуредни документи.
- Сите апликанти што имаат уредна медицинска документација (наод-мислење) беа проверени во АВРМ во однос на тоа дали се вработени односно дали имаат засновано работен однос или се невработени лица кои немаат засновано работен однос. Системска проверка се вршеше и преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во однос на утврдување период на невработеност, истакна Спасов.
Појасни дека податоците на апликантите биле проверени во УЈП во однос на личните приходи и приходите на нивните семејства, а посебна владина комисија извршила проверка на внесот на апликациите во електронскиот систем, посебен софтвер преку кој без учество на човечки фактор се направи бодување и рангирање врз основа на критериумите и условите во огласот, односно периодот на невработеност, личните и семејните приходи, видот и степенот на инвалидност.
- Во прелиминарната листа се опфатени 46 лица со оштетен вид (слабовидни и слепи), 40 лица со оштетен слух (наглуви и глуви), 2 лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, 60 лица со телесна инвалидност (тешка и потешка телесна инвалидност), 73 лица со пречки во интелектуалниот развој (лесни и умерени пречки), 32 лица со комбинирани пречки и 47 инвалиди на трудот. Бодувањето и рангирањето е правено максимално транспарентно, без учество на човечки фактор, електронски со посебен софтвер врз основа на податоците од апликациите, рече Спасов.
Преку овој проект, како што посочи, ќе се вработат и лица кои повеќе од 20, 30, па и повеќе години се невработени и немаат никакви приходи.
- При изборот за вработување се водеше сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на заедниците во Македонија, при што изборот се вршеше врз основа на застапеноста на видот и степенот на инвалидност според бројот на поднесените барања на овој оглас. Во овој случај застапеноста на лицата со инвалидност е во зависност од поднесените барања од кандидати со ист вид и степен на инвалидност, при што најголем број работни места добија лицата кои поднесоа најмногу барања од ист вид и степен на инвалидност, рече Спасов.
Укажа дека тоа е прелиминарна листа на лица кои ги исполнуваат условите за овој оглас која ќе биде објавена на веб страниците на ЈП Македонски шуми и МТСП. Апликантите кои не се дел од прелиминарната листа и кои нема да добијат одлука за избор имаат право да поднесат жалба до ЈП Македонски шуми, а откако ќе поминат роковите за обжалување и кога ќе се утврди финалната листа на примени кандидати ќе започнат со работен однос во рок од 4 до 6 месеци во државната и јавната администрација за кои се обезбедени работни места.
- Првпат во историјата на независна Македонија се дава ваква можност на лицата со инвалидитет и првпат се реализира програма за вработување со која го олеснуваме пристапот до пазарот на трудот и решаваме едно од клучните прашања за нив, а тоа е животното прашање, додаде Спасов.
Директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски истакна дека од понеделник ќе почнат да ги дистрибуираат писмените известувања до сите апликанти со кои ќе ги информираат кој од нив е влезен на ранг листата.
- Сите оние кои ќе ги добијат известувањата ќе бидат информирани дека паралелно со нив ја има и одлуката од страна на Македонски шуми која е групна, што значи дека нема да се добива поединечна одлука за секој апликант, посочи Караџоски.
Засновањето работен однос ќе биде по пат на преземање со спогодба која ќе се потпишува од страна на Македонски шуми и од јавната институција, државната администрација.
Претседателот на Националниот совет на инвалидските организации и претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви, Васко Марков се заблагодари на Владата и Министерството бидејќи, како што рече, навистина успешно голема работа е завршена за 300 вработувања на лицата со инвалидност.
Претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија, „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски рече дека доколку се земе предвид дека овие 300 лица имаат свои семејства, тоа значи оти на многу поголем број лица се обезбедува егзистенцијата и тоа, како што истакна, е за секаква почит и поздравување.
- Потегот што го направи Владата придонесе до она за што националните инвалидски организации се борат со години, а тоа е да докажат дека лицата со инвалидност ниту се неспособни, ниту се болни, дека напротив имаат своја едукација, се вредни и чесни работници и ќе можат да одговорат на работните задачи кои ќе им бидат поставени, додаде Јовановски.
Слично
