СПАС ЗА ПРАВНИЦИТЕ ВО ФИРМИТЕ: Укината обврската договорите над 10.000 евра да ги вршат само адвокати
Уставниот суд на последната седница ги укина одредбите од Законот за извршување кои уредуваа обврска барањето за извршување и приговорот чија вредност е поголема од 10.000 eвра задолжително да ги составува адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.
Бизнис-заедницата повеќе пати укажуваше дека оваа обврска за фирмите значи значително зголемување на трошоците, и дека особено е проблематично исклучувањето на можноста правниците кои се вработени во фирмите да ги составуваат овие документи.
Стопанската комора на Македонија уште од почетокот на постапката за донесување на новиот Закон за извршување и Законот за нотаријатот, со кои се воведе оваа обврска, во декември 2015 година, реагираше дека ваквата обврска за компаниите ќе значи зголемени трошоци и ќе предизвика повеќе проблеми, а барањето за ревидирање на овие одредби беше и едно од 19-те барања кои Комората ги достави до Владата во изминатите шест месеци.
- Задолжителното ангажирање на адвокат, посебно во случаите кога странки се јавуваат компаниите, кои имаат организирани правни служби, не е целисходно и влијае неповолно не само поради трошоците, туку и поради непотребните административни постапки, кои би настанале со самата потреба од предавање на предмети на адвокати, запознавање со нивната содржина и дејствија што треба да се преземат, а со тоа се одолговлекуваат и самите постапки, а правниците во стопанството остануваат дискриминирани и соочени со опасноста да бидат отпуштени. Притоа, треба да се има предвид дека овие лица имаат најдобар увид во работењето на правното лице и трансакциите кои и претходеле на потребата да се иницираат овие постапки, поради што уредувањето на можноста и тие полноважно да ги преземаат дејствијата за компаниите значи поедноставување на постапките од административен, организациски, но и временски аспект- велат од Комората.


Според пресметките на Комората, оваа обврска за компаниите предизвика трошоци од неколку милиони евра. Така, на пример, ако претходно трошоците за поведувањето на постапка пред извршител за долг од 1.000.000,00 денари изнесувале 6.150 денари, со укинатите одредби тие трошоци беа зголемени повеќе од двојно.
Оваа обврска се уште важи кај постапките пред нотар – за потврдување на договори или за издавање на платен налог се уште мора да се ангажира адвокат. Ако се земе предвид дека просечно годишно се поднесуваат околу 240.000 предлози за издавање на платни налози, и дека адвокатската награда е најмалку 1.300денари, трошоците за оваа обврска во 2017 година беа поголеми за 5.000.000евра.
