Советот за надворешни работи на ЕУ ќе расправа за напредокот на Западен Балкан
Советот за надворешни работи на Европската Унија денеска во Брисел ќе одржи состанок на кој ќе се разговара и за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Во рамки на состанокот, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ќе имаат и работен појадок со шефовите на дипломатиите од регионот. Во фокусот ќе бидат реформските процеси, проширувањето, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, како и хибридните закани со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, пред почетокот на состанокот изјави дека Брисел сака да разговара за тоа како земјите од регионот да продолжат со реформите и како да се зајакне соработката во справувањето со хибридните влијанија.
Според Калас, искуствата што ЕУ ги има со Молдавија, а сега и со Ерменија, можат да бидат корисни и за Западен Балкан, бидејќи државите од регионот, како што рече, и самите препознаваат притисоци и напади врз демократските процеси.
Таа посочи дека безбедноста и одбраната исто така ќе бидат дел од разговорите. Од земјите кандидати и потенцијални кандидати, според Калас, се очекува поголемо усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, заедно со продолжување на реформите што се дел од европскиот пат.
На работниот појадок се очекува да присуствуваат министрите за надворешни работи на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
