Советот за безбедност на Македонија ги разгледувал и случувањата во Ирак и Сирија
На првата седница, на која беше конституиран новиот состав на националниот Совет за безбедност, очекувано станало збор и за случувањата на Блискиот Исток, за кои шефот на државата Ѓорге Иванов изрази загриженост и во својот говор пред Генералното собрание на Обединетите нации.
„Членовите на Советот за безбедност разменија информации и мислења во врска со актуелните случувања во Сирија и Ирак, и рефлектирањето на тие состојби во нашиот регион и во Република Македонија. Посебен акцент беше ставен на состојбата со присуство и регрутирање на граѓани од нашиот регион и од Република Македонија во тие кризни региони“, стои во соопштението од претседателскиот Кабинет.
Освен ова, Советот за безбедност на седницата заклучил дека субјектите на системот за национална безбедност треба да ги зајакнат активностите во насока на обезбедување, навремено предупредување за евентуални закани и ризици по националната безбедност, а со цел подобрување и развој на системот за рано предупредување, превенција и контрамерки по евентуална утврдена закана и ризик.
Советот за безбедност констатирал дека субјектите на системот за национална безбедност успешно ги исполнуваат должностите од делокругот на своите надлежности, дека функционираат на највисоко можно ниво и дека постои координација и соработка меѓу субјектите во насока на натамошно јакнење на националните безбедносни капацитети.
Во новиот состав на Националниот совет за безбедност по функција членуваат премиерот Никола Груевски, собранискиот спикер Трајко Вељаноски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, министрите за внатрешни и за надворешни работи Гордана Јанкулоска и Никола Попоски. Нови членови се поранешната пратеничка на ДПА Флора Кадриу и претставникот на Нова Демократија Насер Сејдини, а од стариот состав останува и Вели Креци.
Единствено нема претставник од ДУИ. Партијата на Ахмети не го признава легитимитетот на Иванов добиен на последните претседателски избори, затоа што истиот бил освоен без гласовите на Албанците.
Слично
