Советот на НБРМ ги усвои Финансиските извештаи и Годишната сметка за 2014 година
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата втора седница, на која беа разгледани и усвоени Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија и Годишната сметка за 2014 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија.
Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија, од сите материјални аспекти, објективно ја претставуваат финансиската состојба на Народната банка на Република Македонија на 31 декември 2014 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што заврши, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).
Заради посоодветно спроведување на оперативната монетарна политика, на денешната седница Советот ги разгледа и ги усвои Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за задолжителната резерва и Одлуката за дополнување на Одлуката за благајничките записи. Во услови кога на аукциите на благајничките записи се применува тендер со износи, се забележа дека во последниот квартал од 2014 година и во почетокот од 2015 година деловните банки редовно го користеа првиот ден од периодот на задолжителната резерва за да ползуваат од диспаритетот меѓу стапката на надоместок на благајничките записи и таа на задолжителната резерва. Со одлуките се предвидува деловните банки да го започнуваат периодот на задолжителна резерва со средства најмалку во висина од 100% од задолжителна резерва, како и да одржуваат дневна ликвидност најмалку во висина од 50% од задолжителната резерва. Советот на Народната банка очекува овие одлуки да придонесат за намалено потпирање на задолжителната резерва при одредувањето на побарувачката на благајнички записи.
На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Бик’’ од серијата „Хороскопски знаци“. Кованата пара „Бик’’е со апоен од 10 денари во 7000 парчиња.
